На „Младост“ и „Вардар“ може да се лови риба но само со дозвола

Објавено на 4 јуни, 2014 во 12:34

Спортските риболовци можат да здивнат, заврши забраната за риболов на реките во велешкиот ривир и на езерото „Младост“. Но сепак треба да внимаваат што ќе ловат. Македонската риболовна федерација ги објави правилата на својата интернет страница. На езерото Младост, дозволени за риболов се сите видови на риба, освен крапот и лињакот. За нив се уште важи забраната. Сомот и смуѓот не можат да се ловат секој ден. Овие врсти на риба можат да се ловат само во петок, сабота, недела или на државен празник.

Од Здружението на спортски риболовци велат дека забраната се воведува само во времето кога рибите се мрестат. Тогаш таа доаѓа во поплитките води, може полесно да се улови и не ќе може да се размножи, а тоа би можело да биде фатално за рибниот фонд. Но токму тогаш кога забраната за риболов е активна, најактивни се рибокрадците велат од друштвото. Честопати со мрежи успеваат да уловат големи количини риба и тоа во ноќните часови.

Чуварската служба е во континуирана борба со нив, обидувајќи се да ги спречи во намерата да го уништат рибниот фонд. Во последната акција на рибочуварската служба запленети беа седум мрежи со должина од 200 метри кои беа поставени кај отовичката плажа на езерото„ Младост“.

Од 15-ти мај дозволен за риболов е и делот на Вардар кој го контролира велешкото риболовно здружение. Но за да можат рекреативно да ловат, спортските риболовци мораат да поседуваат дозвола. Таа чини две илјади денари и важи за велешкиот ревир, во кој се опфатени езерото Младост и делот на Вардар од вливот на Пчиња до Црна река. Еднодневна дозвола чини 200 денари.

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.