Кино сала и реконструиран скејт паркот, приоритети на младите во Велес
Млади од средношколските заедници, од дтудентските парламенти на дисперзираните студии на факултетите во градот и подмладоци на граѓански здруженија во Младински парк денеска организираа отворен ден за нивната идеја за младинско организирање. Ги повикаа сите млади велешани да им се придружат и да ги соопштат своите идеи и иницијативи за подобар живот во рамките на локалната заедница. Иницијаторите од општината, партнер во овој проект, ќе бараат да го отвори градското кино и да го реновира скејт паркот.
Велес една деценија живее без кино сала и проекции. Иницијативата за повторно ставање во функција на градското кино произлезе од млади луѓе кои сакаат во Велес а не во Скопје да ја доживеат магијата кога филмот се проектира на големо платно. Тие организираа дебати, разговараа и сега бараат со помош на градската власт остварување на иницијативата, вели Дејан Ристов координатор на клубот на млади во Велес.
„ Младите од градот сакаат кино, да ги гледаат филмските остварувања во Велес а не да одат во Скопје како најблизок град. Таа идеја ја доработуваат. А како наредна активност ќе се обидат да се прикажуваат филмови под отворено небо,“ рече Ристов.
Скејт паркот им требаат на средношколците. Во Велес има скејтери или бордери кои би го користеле паркот во колку има подобри услови, вели Александар Арсовски од средношколската заедница на Хемиското училиште.
„ Тое е омилено место на многу млади велешани а ние сакаме да се реконструира и повторно да оживее, да стане собиралиште на голем број на млади луѓе. Имаме и други идеи за кои сакаме мислење и став од што поголем број на наши врсници. Заедно да го направиме нашиот град подобро место за живеење, за дружење и контактирање,“ рече Арсовски.
Настанот што денеска се одржа под наслов „Млади за Велес“ е дел од проектот “Развој на локално младинско учество и локални младински политики ”, финансиран преку регионалната ИПА програма, од Европската Унија. Во дванаесет општини го спроведуваат Младински образовен форум и Центар за меѓукултурен дијалог .
Во Велес денеска младинските организации подготвија саем на книги преку кои ги промовираа своите активности пред посетителите.
Дополнително, беше промовирана стратегијата за млади на општината. Целта на овој настан е преку промовирање на младинските организации, асоцијации, друштва и останати форми на организирање да се прикаже вклученоста на младите во општеството. Да се повикаат младите кои сакаат да се вклучат и да го направат Велес подобро место за себе./Д.С
