По две децении Велес доби нова тројка, три машки новороденчиња
Јосиф, Јаков и Дамјан се трите сина што на 13 јуни ги добија мајката Наташа и таткото Орце. Новороденчињата се родени во Скопје но ќе живеат во Велес затоа што нивните родители се наши сограѓани. Трите синчиња се прва рожба на среќните родители. Тие деновиве заедно со мајката Наташа си дојдоа од Скопје во нивниот дом во Велес.
Дума.мк дознава дека семејството е особено радосно и дека сите се грижат околу бебињата.
Ова е четврта родена тројка новороденчиња во градот. Првата ја доби семејството Слабеви кога пред седум децении им се родија трите ќерки Нада Љуба и Вера. Втората тројка е на семејството Галеви со трите ќерки Ангел, Слободанка и Василка. Третата ја доби семејството Кичукови кога пред две децении се родија Ангел, Ангелина и Иван.
Од тогаш во Велес во неколку наврати се родиле близнаци. Но првата машка тројка се токму Јосиф, Јаков и Дамјан кои се родени минатиот месец./Д.С
