За три години, тринаесет загинати и стотина повредени на патот Велес – Кадрифаково

Објавено на 30 јули, 2014 во 12:25

Двеста триесет сообраќајни незгоди со тринаесетмина загинати и стотина тешко повредени е билансот на несреќи што се случиле во последниве три години на патот Велес – Кадрифаково. Според надлежните тесниот коловоз и непрегледноста се најчестите причини за несреќите што се случуваат на оваа делница.

„Патот и неприлагодената брзина се најчестите причини за сообраќајките. Во изминатите три години имаше преку триста од кои освен големи материјални штети имаше и човечки жртви,“ рече Љупчо Ѓорѓиевски, директор на Агенција за државни патишта.

Од таму очекуваат во иднина црната статистика на овој дел од патот да стане минато. Реконструкцијата на делницата од Велес до Кадрифаково според нив значително ќе ја зголеми безбедноста во сообраќајот.

„Доста се инвестира во патната инфраструктура. Освен на делници се работи и на регионални и магистрални патни правци. Очекуваме безбедноста да биде зголемена, но тука е и човечкиот фактор кој во голема мера игра улога за безбедност во сообраќајот,“ рече Ѓорѓиевски.

Инаку овој патен правец е изграден пред повеќе од 50 години и досега воопшто не е реконструиран. Полн е со дупки, кривини и има дури 11 црни точки. Во моментот оваа магистрала се реновира. Патот ќе добие четири сообраќајни ленти со широчина од 11 метри, па ќе се отсранат и црните точки./Д.С

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.