Одбележан денот на Свети Великомаченик Пантелејмон, заштитникот на Велес
Со палење на свеќи во холот на соборната црква која го носи името на светецот, поклон пред иконата, со оставање на подароци за здравје на најблиските и семејствата, синоќа, велешани го чествуваа ликот и делото на Свети Великомаченик Пантелејмон, заштитникот на градот.
„Секоја година во предвечерието на празникот доаѓам во овој најубав божји храм во Велес со цел да запалам свеќа и да се помолам пред светителот за мое и здравје на семјството. Тоа е дел од традицијата во градот долга колку што јас паметам за себе,“ рече велешанката Пандорка.
„Го носам и моето внуче, бидејќи прво од Свети Пантелејмон, бара милост и заштита за него а потоа за целото семејство,“ рече велешанецот Анѓел.
„Долга е традицијата на посета на оваа црква во моето семејство затоа што името Панче се пренесува од колено на колено. Мојот татко се вика Панче и во негова чест еве палам свеќа. Секако првата што ја запалив е наменета за светецот, заштитникот на градот и граѓаните“
По вечерната литургија, во дворот на црквата, беше изведена културно уметничка програма со која беше одбележан и јубилејот, една деценија од работата на Градскиот црковен хор „Свети Великомаченик Пантелејмон“. Настапија и хористите под диригенство на професор Славица Ставрева.
Градоначалникот на Велес им го честита празникот на сите граѓани, на славениците кои го носат името на светецот, на лекарите и ги соопшти плановите на локалната власт за дозавршување на изградбата на двете цркви и изградба на нови во општината.
„ Во изминатите пет години се реконструираше црквата Света Богородица но се направи и пристапниот пат до неа. Се гради црквата Свети Кузман и Дамјан во дворот на Општата болница. Започната е изградбата и еве е во завршна фаза е соборната црква Свети Кирил и Методиј. Најновите заложби на општината се да започне изградбата и на црквата во Нова населба, кај Багремче. Моите оптимистички прогнози се дека до 2015 година Повардарската Епархија ќе ја има целокупната документација за изградба на овој храм во најгусто населениот дел на градот. Но, да не заборавиме дека дел од градот е и населбата Речани во која треба да изградиме еден храм,“ рече градоначалникот Славчо Чадиев.
Верниците присутни на свечената програма го проследија поздравното и празнично слово на Владиката Агатанѓел кој од здравствени причини беше спречен да присуствува. Митрополитот Повардарски на своите епархиски верници и на граѓани им порача да си ги сочуваат семејствата, моралните и човечките вредности да им бидат животна водилка, повеќе време да посветат на правилното воспитување на децата, на взаемното почитување со најблиските, роднините и пријателите како единствено правилни земни врености на вистинскиот пат на личната и општествена иднина.
Потоа младите актери од трупата на актерката Весна Димитрова Бобевски пред присутните граѓани изведоа перформанс во кој го прикажаа минатото на Велес./Д.С
