Се сукаат јуфки и се прави тарана во Велес

Објавено на 11 август, 2014 во 13:41

Велешанката Ѓурѓа го избра денешниот ден за традиционалната подготовка на тестенините кои исто како и питата пастрмајлија се посакувана храна на граѓаните во зима. Ја поттикна првиот сончев и топол ден, по дождливиот период, иако нејзината мајка и постарите жени и раскажувале дека јуфките се најубави ако се сукаат помеѓу Мала и Голема Богородица поточно од 28 август до 21 септември. Идеалните временски услови денеска овозможија оваа домаќинка да замеси тестото.

Шеесет годишната жена за два часа исука педесет кори и ги остави на сонце во дворот да се исушат и да испукаат. Ѓурѓа замеси средно тесто од педесет јајца, пет килограми брашно и два литри млеко. Откако добро го сработи од него направи педесет мали топчиња и секое го рассука во големина од педесет сантиметри.

„Многу е важно замесувањето на тестото. Тоа треба да биде средно меко. Потоа добро да се меси само од себе да се испоти. Од така подготвено тесто се откинуваат едно по едно, вкупно педесет топчиња. Секое повторно добро се меси и се остава настрана во тавче кое се покрива со крпа. Од секое топче со сукало се рассукува една кора, која не смее да биде ни многу дебела ниту многу танка. Корите со средна дебелина се најубави. Штом се исука кората, се простира на бел чаршав или директно изложена на сонце или внатре на маса во соба, во домот. Таа треба да испука а за тоа е потребен топол воздух, “ рече Ѓурѓа.

Оваа домаќинка почнала да сука од десет годишна возраст. Била дете кога почнала да и помага на нејзината мајка од кого ја научила оваа мајсторија. Денеска за неа сукањето со сукало воопшто не е тешка работа.

„За да се постигне вештината на добро исукана кора е потребно време и секако желба. Тоа може да го научи секоја жена. При сукањето на јуфки е многу важно да се процени до кога кората може да се развива, зголемува со еден посип на брашно кое се разнесува на целата големина на рассукана кора. На почетокот тоа се прави со сосема мала количина на брашно бидејќи кората е мала а потоа се зголемува. Сепак тоа се мали количини кои се земаат од кесето со брашно и се сука со тоа што сукалото лефтерно се притиска од средината кон крајот на кората. Рассуканиот дел постојано се врти за да се направи убав круг,“ раскажува Ѓурѓа.

Штом корите се готови, се сушат и потоа откако ќе распукаат се собираат во чаршавот или тензувот, памучна прозирна ткаенина, за да можат да се закачат на чингел и со него на некое повисоко место во дворот или на телот на балконот за да можат уште ден, два да се оставаат на сонце. Потоа внимателно се собираат и редат во кантичка која треба да има поклопец.

На сличен начин, веќе утре, оваа домаќинка ќе подготви и тарана. Неа ќе ја прави од два килограми брашно, еден килограм гриз и петнаесет јајца. Од овие состојки ќе замеси цврсто тесто. Штом добро се измеси во помали топки ќе го ренда на дрмоњ, традиционално сито со железно дно на кое дупките се испупчени.

„ Изренданото тесто директно треба да паѓа на бел чаршав поставен на маса. Се прави само еден ред кој потоа се остава да се суши. Штом се исуши се собира како јуфките и се става во кантичка,“ рече Ѓурѓа.

Таа за појадок на нејзиното семејство, традиционално во зима, подготвува печени јуфки и варена тарана. Јуфките ги пече во тавче, претходно намрсено со масло за јадење, додека не заруменат. Ги вади од рерна и ги полева со претходно зовриена вода и сол. Потоа ги служи со парче сирење. Тараната се вари во тенџере, во зовриена вода во која има сол. Штом е сварена се попарува со врел зејтин и се служи со сирење./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.