Велешкиот пливачки маратонот од година традиционален, соопштија од ПФМ
Маратонецот Евгениј Поп Ацев од ПК „Студент„ од Скопје е прв, неговиот колега Александар Илиевски од истиот клуб е втор, а маратонецот Илија Стојановски од ПК„ Бета„ го освои третото место на првиот пливачки маратон што денеска се одржа на велешкото езеро Младост. Тие испливаа на патеката долга десет километри за околу три часа. Кај жените првото место го освои Елена Атанасова од ПК „Вардар“ од Скопје, а второпласирана е Евита Насевска од „ПК Бета“. Тие десетте километри ги испливаа за нешто повеќе од три часа.
На првиот велешки маратон се пливаше и на патеката долга пет километри, на која првото место го освои Никола Василевски од ПК „Орион“, второпласиран е неговиот колега Михаил Трпчевски а трето пласиран Марио Џуговски од ПК „Младост.
Во женската конкуренција, на патеката долга пет километри, прва на целта пристигна Ева Барамачева од ПК „Младост“ а второпласирана е Искра Стојановска од ПК „Бета“.
Сите учесници имаа позитивни искуства од денешниот маратон и пофални зборови за условите за пливање во езерото.
„Одлично се чувствувам, бидејќи го освоив првото место иако ова не ми е прв пат. Условите за пливање беа одлични и покрај ветерот што дуваше. Се надевам дека и следната година ќе учествувам на овој маратон. Имам големо искуство со пливање на долги патеки , бидејќи досега сум учествувал на над четириесет пливачки маратони,“ рече маратонецот Евгениј Поп Ацев.
„Прв пат пливам на десет километри и ми беше задоволство што учествував. Водата беше пријатна но имаше малку бранови, меѓутоа беше добро. Скоро целата патека ја испливав во краул,“ рече Елена Атанасова.
На маратонот учествуваа вкупно 45 натпреварувачи од кои 12 беа жени. Директор на трката беше професор доктор Димитрија Поповски. Од него стигнаа првите оценки за организацијата и реализација на маратонот.
„Учеството на четвртиот и деветиот маратонец рангирани на светската листа говори за успешноста на маратонот. Задоволен сум од вложениот труд и организацијата и се надевам дека в година ќе се плива вториот и да живее сто години,“ рече Поповски.
Само гостин на трката беше и најдобриот македонски пливач на долги стази Томи Стефановски. Тој будно ги надгледуваше трките во сите три категории.
„Каде што има ентузијазам се постигнуваат и резултати. Така е и тука на велешко езеро. Жалам што по двете напорни трки во Канада сум истоштен и не можам да учествувам на овој маратон. Дополнителен проблем ми претставуваа и повредите и затоа не сакав да ризикувам. Ми претстои Охридскиот маратон а годинава имам шанси да се борам за првото место во Гран при серијата. Очекувам дека до година ќе се подготви програма прилагодена на нас маратонците кои учествуваме и од надвор од Македонија и тогаш секако дека ќе дојдам и ќе пливам на велешкиот маратон,“ рече Стефановски.
На денешниот маратон на Младост имаше голем број на учесници кои пливаа надвор од конкуренција односно рекреативно. Најголем број од нив беа од Велес. Дума.мк подготви интервјуа со повеќемина од нив кои ќе ги објави деновиве./ Д.С.
