Социјалците се информираат како да симнат дел од товарот за комуналии
Граѓаните корисници на социјални помошти, на првиот ден од стартот на владината мерка за отпис на долговите, доаѓаа во Центарот за социјални работи и се информираа за начинот на поднесување барање за отпис на долгот. Тие се надеваат дека со оваа мерка од грб ќе симнат голем товар што ги измачува со години.
„Ќе поднесам барање бидејќи сум задолжен веќе еден подолг период за струјата, бидејќи не можев да ги плаќам сметките. Се надевам дека ќе ми го отпишат долгот бидејќи од 2004 година сум под социјалното. Имам голем долг со години не плаќав сметки, рече велешанец.
„Треба да им се помогне на сите луѓе што не можат да се снајдат. Живеам од социјална помош од каде да платам, немам. Државата треба да ни помогне, бидејќи никој не сака да биде во долгови. И јас не сакам да должам, затоа се надевам дека ќе ми го отпишат долгот,“ рече велешанка.
Пред центарот имаше и граѓани на кои не им беше јасно дали имаат право да поднесат барање за отпис на долгот поради промена на социјалниот статус.
„Од 2002 бев напуштен од работа и до 2013 година земав социјално 1200 денари. Сега неколку месеци земам паричен надомест од бирото како стечаец и не ми е јасно дали мене ќе ми го отпишат долгот што го направив до 2013 година. Би требало да ми го отпишат бидејќи јас тогаш бев социјален случај“.
Од Центарот за социјални работи појаснуваат дека барање за отпис на долгот можат да поднесат само одредени категории на граѓани, приматели на социјална помош, на постојана парична помош, невработени кои се евидентирани во Агенцијата најмалку 12 месеци и лице изложено на социјален ризик поради смрт инвалидност или потешка болест.
Барањето можат да поднесат за направен долг до 31 декември 2013- та година. При тоа со себе треба да понесат копија од сопствената лична карта и на брашниот другар, извод од матична книга на венчани или од матична книга на умрени, медицинска документација за утврдување дијагноза и копија од последната неплатена сметка.
Јавниот повик е отворен еден месец и од центарот очекуваат барања да поднесат над две илјади граѓани. На кого ќе му биде отпишан долгот на крај одлучува комисија во Скопје./Д.С
