Се реконструира зградата на поранешно Радио Велес
Со пари од странски донатор, Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, ја почна реконструкција на објектот на поранешната радио станица во Велес. Објектот го доби од општината, шестотини илјади денари обезбеди од програмата за развој на Обединетите нации и триста илјади денари од сопствениот буџет.
Со планираната реконструкција зградата ќе треба да добие нов лик и да се приспособи на потербите на центарот. Вардарскиот плански регион се очекува да биде лидер во сите осум региони, бидејќи тука ќе биде поставена мрежата за инклузивен развој на сите општинини во Македонија, рече градоначалникот на велес, Славчо Чадиев.
Во новите простории Центарот на Вардарскиот плански регион ќе почне со реализација и на неколку проекти финансирани од УНДП. Ќе се креира електронски веб портал за млади на страницата на регионот, со цел младите да учествуваат во креирањето на политиките на општината. Другиот проект е спроведување на кампања за вработување на 5 најдобри студенти во претпријатијата на Вардарскиот регион. Меѓу позначајните проекти на Вардарскиот плански регион се и програмата за енергетска ефикасност и проектот за заштита на патување по коридорот десет, за чија реализација се обезбедени 300 илјади евра.
„Во моментов чекаме да бидеме повикани од европската делегација, да го потпишеме договорот и да почнеме со реализација на овие два проекти. Обезбедивме и 15 илјади долари со кои купивме најсовремена опрема за мерење на потрошувачката на електричната енергија. Така што во иднина општините нема да имаат потреба да ангажираат консултанстки куќи да им прават програма за мерење на потрошувачка, туку тоа ќе го прави Центарот преку своето седиште во Неготино, рече Марко Колев, директор на Центар за развој на Вардарски плански регион.
Зградата на Вардарскиот плански регион треба да биде готова до крајот на годината./Д.С
