Присуството на спасителите на вода ја подобри безбедноста на капачите во Велес
Во велешкото здружение „Македонски спасител“ членуваат искусни пливачи, кои поминале повеќе обуки за безбедност на вода. Тие пред три години го формираа здружението чии членови токму годинава за време на големите поплави во Србија го имаа најголемиот тест на подготвеност. Доброволно и брзо заминаа да им помогнат на граѓаните на Шабац, кога се спасуваа од надојдената вода во реката. За нивната хуманост но и подготвеност професионално да учествуваат во акцијата разбра Македонија и цела Србија. Неколку месеци подоцна најголем дел од овие обучени спасители на вода се на градскиот Базен Снупи и на плажите на велешко езеро.
Таму деновиве го сретнавме Ангел Пановски кој има најдолг, тринаесет годишен, спасителски стаж од сите членови на ЗГ „Македонски спасител“. Тој е еден од спасителската служба за поголема безбедност на граѓаните кои се капат во базенот а често е присутен и на езерото „Младост“. Во последните години преполовен е бројот на давеници и зголемена е безбедноста на капачите, рече Пановски.
„ Кога почнав да работам како професионален спасител, на годишно ниво, се случуваа и по триесет интервенции. Годинава, од почетокот на сезоната за капење, на базенот интервениравме 12 пати. Спасивме дванаесет деца, бидејќи тие најчесто си ги преценуваат пливачките способности. Има случаи кога во ваква ситуација се наоѓаат и возрасни, претежно на почетокот на сезоната, кога не се кондиционо подготвени или во колку добијат грчеви на нозете додека се капат. Во општината, безбедноста во вода е зголемена. Ние максимално се обидуваме да ги примениме сите вештини кои ги стекнавме лани на курсот со обучувачи од Америка. Тоа беа професионални спасители на вода од Калифорнија и од Флорида чии совети ги применуваме,“ рече Пановски.
Давеникот треба да се извади од вода и да му се даде брза и стручна прва помош, велат спасителите. Тие на една од плажите на велешко „Младост“ подигнаа спасителен пункт. Плажата ја нарекоа спасителска плажа а токму таа е најпосетувана од капачите на езерото „Младост“. За да се зголеми безбедноста на вода, на отворено, викендов „Македонски спасител“ организираше обука за деца на возраст од 9 до 16 години. Со пријавените кандидати работеа повеќемина членови на здружението.
„Задоволни сме од одзивот и секако од посветеноста на децата да научат како треба да се однесуваат во вода, особено кога станува збор за пливање во езеро или во море. Во план сме тоа да го правиме постојано како за деца така и за возрасни,“ рече генералниот секретар на „Македонски спасител“, Зоран Кимов.
Тој беше еден од „Македонски спасител“во тимот што го спасуваше Шабац од големите поплави во Србија. Денеска кога се средени впечатоците по успешната хумана акција во која овие велешани покажаа токму во Србија што умеат и можат како професионалци, тие велат дека тоа за нив било добро искуство. Од тогаш се почесто размислуваат за иницијативата за формирање на професионални спасителски тимови во општините во Македонија. Освен што би интервенирале во лето на базените и градските или плажите на езерата исто така токму тие би биле први кои би интервенирале и при евентуални елементарни непогоди./ Д.С
