Доктори, спортисти и граѓани го поддржаа Црвениот крст во борбата против кардиваскуларните заболувања

Објавено на 27 септември, 2014 во 11:41

Крвниот притисок на д-р Демир Мемедалиев денеска изнесуваше 135 со 75. „Продолжи со терапијата бидејќи очигледно е дека ти одговара и се ќе биде во ред,“ гласеше советот што докторот во пензија го доби од неговиот помлад колега, д-р Горан Богатинов. Од разговорот на двајцата лекари, долгогодишни волонтери на Црвениот крст, присутните граѓани кои дојдоа да направат контрола на светскиот ден за борба против кардиоваскуларните заболувања стекнаа впечаток дека тие не разговараат само за превентивната цел на акцијата. Неизвесноста ја прекина д-р Мемедалиев кој раскажувајќи за животното премрежје порача дека грижата за здравјето треба да биде животна навика.

„Денеска притисокот ми е одличен но, не беше така пред еден месец. Поради анемичност морав да примам крв и поради тоа најверојатно ми се искомплицира здравјето. Се се случи за неколку часа кога ми се појави едем и ако не беше посветеноста на моите колеги, од Брза помош и екипата на д-р Верица Јуртиева од интерното одделение во болницата, ќе починев за само десет минути. Тие ме спасија на што им сум неизмерно благодарен. Сакам да ги советувам моите сограѓани сериозно да му пристапат на здравјето, да прават редовни контроли, да земаат терапија, да се хранат здраво и сериозно да ги превенираат  срцевите заболувања,“ рече д-р Мемедалиев.

Педесеттина граѓани, додека стоеја на двата пункта на болницата на отворено, пред новата театарска зграда денаска ја слушнаа пораката на овој доктор кој четириесет години ги лекуваше граѓаните во Велес. Најголем дел од присутните внимателно ги слушаа советите на двајцата лекари, д-р Горан Богатинов и д-р Милчо Трајков, откако им мереа притисок и шекер во крвта. Овие двајца волонтери на Црвениот крст веднаш ги упатуваа на дополнителен преглед во итната помош граѓаните на кои им откриваа покачен крвен притисок или шекер во крвта.

На овој начин беше одбележан 27- ми септември, меѓународниот ден за заштита од кардиоваскуларни заболувања во градот.

„Целта е да ја подигнеме свеста на граѓаните за кардиоваскуларните заболувања бидејќи тие се најмасовниот убиец на глобално ниво и не ја заобиколува нашата земја. Многу граѓани не ги знаат ризиците од ова заболување кои се број еден за смртност помеѓу населението како во Македонија така и на глобално ниво. Мене ме радува што денеска голем број на граѓани застанаа на двата пункта, што направија контроли и внимателно ги слушаа нашите совети. Дел од нив беа со покачен крвен притисок и дијабетичари. Тоа, дебелината и физичката неактивност се главна причина за кардиоваскуларните заболувања. Во летоците што им ги поделивме се главните препораки а меѓу нив секако одењето на лекар и редовните контроли со земање на терапијата,“ рече д-р Богатинов.

На акцијата на Црвениот крст денеска имаше и голем број на здрави граѓани кои дојдоа како поддржувачи. Еден од нив беше и фудбалерот Панче Ќумбев.

„ Генерално Македонците имаат проблем со одењето на лекар. Тоа го прават само кога ќе се појави здравствен проблем . Од навиката што ја стекнав додека живеев надвор од Македонија сакам да ги советувам дека еднаш месечно мора да направат контрола. Тоа го бараат стресот и нервозата под кои секојдневно живееме. Здравата исхрана да им биде на второ место и секако младите да спортуваат а повозрасните граѓани да пешачат. Алкохолот да се конзумира во мали количини и секако јас сум противник на цигарите па ќе речам граѓаните да престанат да пушат,“ рече Ќумбев.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.