Ќе бараат ли велешани еколошка правда во Стразбур ?

Објавено на 16 октомври, 2014 во 08:25

Врховниот суд одлучи во полза на државата со што велешани го изгубија спорот во кој бараа отштета и санирање на последиците од три децениското загадување на Велес со тешки метали.

Вака донесената одлука на домашен терен го затвора случајот со првата еколошка тужба во Македонија. Зелената коалиција и општината не успеаја дома да докажат дека Топилницата за олово и цинк го загадуваше градот и граѓаните ниту дека последиците сеуште се чувствуваат и се одразуваат врз животната средина. Дел од граѓанските здруженија во Зелената коалицијата ги соопштија своите ставови по прашањето што сега?

 

Од најстарото граѓанско здружение, Извидничкиот одред „Димитар Влахов“ велат дека веднаш по дознавањето на одлуката на Врховниот суд тие разговарале и изградиле став што ќе го соопштат на состанокот на Зелената коалиција. Старешината на одредот, Анѓелче Ѓушев е категоричен  дека Коалицијата треба да поднесе тужба против државата во Судот за човекови права во Стразбур бидејќи како што вели нивниот став денес не се разликува од времето кога  ја започнаа битката за институционално докажување на еколошката катастрофа низ која минаа велешани и Велес кога загадувачот работеше.

„Како Извидници сметаме дека треба да ја продолжиме постапката пред судот во Стразбур и да докажеме дека овој град триесет години беше труен од Топилницата за цинк и олово. Тука нема политика ниту обвинување за некоја политичка гарнитура. Коалицијата е составена од шест граѓански здруженија и општината која е преставувана од градоначалникот. Додека ја водевме постапката во домашните судови се сменија тројца градоначалници, актуелниот е трет. Се што правиме е во интерес на идните генерации кои не сакаме да не обвинуваат дека ништо не сме сториле во интерес на вистината,“ рече Гушев.

На ист став се и екологистите од друштвото „Вила Зора“. Претседателот Ненад Коциќ вели дека во ниту еден момент не се поколебале за да се докаже еколошката вистина за Велес.

„Во ниту еден момент не сметаме дека погрешивме што поднесовме тужба ниту посебно сме разочарани од одлуката на Врховниот суд. Имаме право да ја побараме правдата во судот во Стразбур. Без разлика дали ќе биде една, две, три или сите членки на Зелената Коалиција заедно со општината во интерес на правдата мора да се оди до крај,“ рече Коциќ.

Сега извидниците и екологистите го очекуваат состанокот на кој ќе ги слушнат ставовите и на останатите членки на Зелената коалиција како и средбата со градоначалникот Славчо Чадиев по што треба да произлезе дефинитивната одлука за еколошката правда на Велес во Стразбур. /Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.