Само со оброкот од црковно народната кујна живее семејството Мирчевски
Звукот од дванаесеттиот удар од звоно, што се шири од Градскиот саат низ центарот на Велес, за многумина во градот означува само точно време а за велешанецот Александар Мирчевски можност со чинија топла храна да ја намали гладтта. Шеесет и четири годишниот маж секој ден со часови седи пред црковно народната кујна и мирно чека да му дојде редот. Од наведнатата глава и свитканото тело тешко може да се процени колкава тежина во себе носи овој човек. Дека е скоро слеп се препознава дури кога ќе ја подигне главата и ќе почне да зборува. А тоа не го прави често.
Така беше и денеска бидејќи најнапред рече дека нема што да каже освен празни зборови за маки со кои се соочува секој ден. Воопшто не му беше лесно да раскаже дека по 11,5 години работа, од кои година ипол во странска фирма, го изгубил видот, па наместо пензија сега со четиричленото семејство живее под кирија, од социјална помош и нема пари ниту за леб.
„Затоа седам тука и чекам на оваа порција топла храна и парче леб. Незнам што ќе правам ако не е оваа кујна. Јас јадам тука а овие добри жени ми го полнат тенџерчето кое го носам дома. Ми даваат една векна леб. Тоа е храна што ја јадат мојата болна жена и двата сина, поголемиот е средношколец а помалиот учи во деветолетка. Тие си ја делат количината што ја добивам за ручек, вечера и за појадок,“ рече Александар.
Тој денеска во еден здив ги изеде лебот, топлата каша и ориз а потоа тргна кон домот за навреме да стигне со храната пред синовите да заминат на училиште. Испраќајки го, останатите граѓани кои исто така се хранат во кујната, раскажаа како животот на Александар воопшто не бил лесен бидејќи освен што живее без струја и огрев, сега, пред зима, треба да го сели семејството од изнајмената соба.
Сиромашниот човек им се заблагодари на активистите на подмладокот на Црвениот крст за јаболкото што денеска му го подарија, го стави во џебот и поита кон домот, за да го подели на своите две деца.
„Јаболките го купивме од парите што ние младинските волонтери ги подаривме лично од нас за денеска да им ги поделивме на корисниците на топол оброк во црковно народната кујна. Сакавме на светскиот ден на глатта да ги потсетиме дека не се заборавени. Тоа е еден мал знак на внимание,“ рече младинскиот координатор во Црвениот крст, Ангел Јорданов.
Освен присуството во црковно народната кујна младите волонтери на Црвениот крст во училиштата и на неколку места во градот делеа вредносни бонови со цел од собраните сретства да купат производи што потоа ќе им ги поделат на сиромашните граѓани како што е Александар Мирчевски. /Д.С
