Велес на сол?

Објавено на 23 октомври, 2014 во 11:06

На десната страна на Велес во дворовите на куќите кај  Солено чешмиче, на Теќе, на Којник и на Бузаана, сеуште постојат старите бунари со солена вода. Граѓаните не ја пијат водата но бунарите ги чуваат како спомен на едно минато време. Најголем дел од бунарите се изградени со камен од дното до врвот. Сопствениците го извадиле горниот дел, поточно системот за вадење на вода, но дел од нив ги зачувале камените плочи кои служат како поклопци или ги покриле со капаци. Велешанката Емилија вели дека планира да го обнови бунарот, да му го врати делот што претходниот газда од кој ја купила куќата го извадил.

„Сега не сум финансиски моќна но штом се создадат услови ќе го изградам системот на кој ќе може да се  врзе железниот синџир и да се прикачи кофата бидејќи сакам да му ја вратам автентичноста на бунарот во кој водата е солена, не се пие. Така сметам дека ќе му даде поубава глетка на дворот,“ рече Емилија.

Познатиот геолог Милан Арсов, пред триесетина години изјави дека десната страна на Велес лежи на сол. Тој ги вршеше испитувања под ридот Вршник, на делот од Којник до црквата „Свети Пантелејмон“ како и од Долни Дуќани до Градскиот саат.

„ Во овој дел на Велес  постоеле  многу бунари и осумдесет отсто од нив биле со солена вода. Сите се длабоки од 15 до 20 метри. Тоа значи дека водата минува низ наслаги од сол. Поради многу солената вода жителите не ја употребувале за пиење туку за миење на дворните места и  за полевање на градините, родните дрва и лозниците што ги имало секое семејство во куќите “, рече Арсов.

Според кажувања на постари велешани тие солената вода ја употребувале во приготвувањето на јадењата.   Исто така од водата ја ваделе солта.  Тоа го правеле така што солената вода ја превривале и на дното од садовите останувала солта.

Тому поради тоа што во бунарите имале солена вода, маалата и сокаците околу старата фабрика за производство на глинени производи на семејството Лефкови се вели дека се кај Солено чешмиче. Таму живее Трајче Брезев чија нова куќа е изградена на местото на бунарот со солена вода.

„Не го затрупавме само го покривме под подот на приземјето. Минатата година се собра многу вода и се излеа па спроведувавме цевки за да ја канализираме и да истекува надвор од домот. Во скоро секој двор овде кај Солено чешмиче имаше бунар. Во сите водата е солена. Некои соседи ги затрупаа и тогаш водата избиваше во соседните дворови или куќи. Погледнете го ѕидот од дворот на куќата на семејството Дерманџиеви и ќе видите дека тој е воден, “ рече Брезев.

Слични приказни денеска раскажуваат и жители на Бузаана, на Теќе и на Којник. Еден од нив е Темелко Андреев.

„Во дворот имавме бунар длабок 18 метри. Водата беше многу солена и никој не можеше да ја пие.Татко ми од неа ги напојуваше двата коња, кој ги имаше, а мајка ми водата ја користеше за миење на дворот, садовите  и за полевање на цвеќињата. Бидејќи немавме фрижидери во лимени садови го стававме месото или пак дел од јадењето што ни остануваше и го спуштавме во бунарот кој храната ја чуваше од расипување. Кога изградивме нова куќа моравме да го затрупаме бунарот. Тогаш во него го ставивме шутот  од старата градба. По една недела од затрупувањето на бунарот солена вода излезе во дворот на Шмеќарот, под Којник“, рече Андреев.

„Во нашето маало, под Теќе, веднаш до нашата куќа имаше два бунара со солена вода. Тие повеќе не постојат. Со изградба на нови куќи бунарите се затрупани. Како дете се сеќавам , летно време,   во корито ќе ни ставеа солена вода  и така се капевме“, рече Петре Богевски.

До триесетите години на минатиот век Велес немал водовод. По изградбата на раштанскиот водовод жителите со вода се снабдувале  од маалските чешми на Којник, Бричкова, Прчиева, Мегдан, Маалска и други. Бидејќи овие чешми не можеле да ги задоволат потребите жителите и понатаму со вода се снабдувале од бунарите  кои имале пивка вода и од природните чешми и извори во први, втори, трети Болнички дол и во црквата „Свети Пантелејмон“, потоа од кај куќата на Кочо Рацин,во куќата на Касапови и на други места.  Така беше се до шеесетите години на минатиот век кога Велес доби градски водовод.

Сепак сведоци дека на десната страна на стариот дел на Велес имало бунари со солена вода денеска се бунарите во дворот на Аце Димовски на Којник и на други семејства на Бузаана.

„Незнам кога е изграден бунарот. И татко ми не знаеше. Нему дедо ми му кажал  дека го изградиле моите пра дедовци. Двајцата браќа го изградиле на ѕидот што ги делел нивните куќи. Бунарот е  длабок 18 метри. Не го користиме  но го чуваме. Од жива вода нема зијан па иако е таа солена“ рече Аце Димовски

Бунарите во кои има солена вода се сведоци, геологот Арсов тврдеше а експертите ќе треба да го потврдат верувањето дека дел од десната страна на Велес лежи на наслаги од сол, коментираат граѓаните./ С.А

 

 

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.