„Тамара со тебе сме“ извикуваа велешани на синоќешниот хуманитарен концерт и го бодреа болното девојче

Објавено на 28 ноември, 2014 во 10:55

Велешани уште еднаш ја покажаа својата хуманост. На вчерашниот хуманитарен концерт ја наполнија спортската сала Гемиџии. Над илјада и петстотини граѓани и дадоа поддршка на Тамара во битката да ја победи болеста и нормално да го живее своето детство. Највесела и најразиграна беше токму таа.

Играше и пееше со пејачите кои безрезервно се одзваа на поканата да бидат дел од концертот, но нејзината радост кулминираше кога на сцената го здогледа омилениот пејач Даниел Кајмаковски.

„Сите ќе играме вечерва, јас ќе играм и со децата од Анабела. Од сите пејачи најмногу го сакам Даниел, рече Тамара.

Заедно сме посилни, ова е пораката што музичките ѕвезди ја испратија од вчерашниот хуманитарен концерт во Велес.

„Ние како јавни личности ја имаме привилегијата да им помогнеме на луѓето особено на вакви мили суштества како Тамара. Јас искрено се надевам дека Тамара ќе ја надмине болеста и по операцијата ќе ни се врати здрава среќна и уште повесела, рече Викторија Лоба, пејачка.

Полната сала во Гемиџии ги задоволи и очекувањата на организаторите на концертот кои за кратко време успеаја професионално да го организираат настанот. Најавија дека дел од собраните средства ќе бидат наменети за лекувањето на Тамара, а дел ќе бидат донирани во детското одделение во општата болница во Велес.

„По консултација со семејството Димовски и со општинските власти одлучивме дел од средствата да бидат донирани во детското одделение во болницата, бидејќи министерството веќе најави дека ќе ги покрие трошоците за операцијата на Тамара во странство,“ рече организатор на концертот, Пеце Ацев.

На деветгодишната Тамара и претстои долг пат во лекувањето во странство. Таа боледува од сколиоза, извиткување на р’бетот до 80 проценти што предизвикува притискање и на останатите органи. Операцијата во странство чини триесет илјади евра. Токму затоа хуманите луѓе ја поддржаа Тамара во нејзината битка. Сега Тамара ја испраќаме со искрена надеж дека ќе ја победи болеста и ќе ни се врати здрава, среќна и насмеана и дека во иднина безгрижно ќе го живее своето детство исто како нејзините врсници./Д.С

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.