Сеуште се купуваат и пишуваат новогодишни честитки

Објавено на 21 декември, 2014 во 08:52

Продавачите на новогодишни честитки на платото пред велешкиот суд не стојат за џабе. Тие со особена радост и задоволство ни одговорија дека пред нивните тезги сеуште има купувачи. Тие се тројца трговци од Велес кои и годинава одлучија да постават продажни места и да ги изложат честитките што ги набавиле со единствена цел да им се спротивстават на комјутерските технологии и интернетот затоа што сметаат дека не треба да и се стави крај на старата добра традиција на рачно пишување на новогодишна честитка.

„Се додека пред тезгата доаѓаат граѓаните нема да се откажам од продажбата на честитки. Најбројни се децата и знам зошто. Секоја година ме потсетуваат на моето детсто кога трчајки се симнував од Карпа маале за да купам честитки за соучениците од класот, за наставниците и за маалските другари. Ги пишував и ги испраќав ама и се радував кога ги броев сите што ги добивав,“ раскажува продавачот. Во исто време со мимика на лицето ми покажува кон тезгата пред која застанува едно девојче.

Со љубопитен поглед прелетува преку изборот од обични честитки а потоа и на оние кои се продаваат во плико. Детето ги допира музичките честитки, зема една и ја отвори. Додека пред штандот се слуша звукот на најпознатата новогодишна песна ја прашавме дали се одлучи која ќе ја купи.

„Ќе  купам пет што ке ги испратам на моите другарки, оваа музичкава е за мојата мала братучедка и уште три треба да и однесам на мајка ми. Ја ќе ги напишам сите,“ рече Минела. Во селското училиште во кое учи ова деветгодишно девојче сеуште во ученичките клупи се оставаат новогодишни честитки и децата им се радуваат раскажа нејзиниот татко.

Пред тезгата застанаа и Бојан и Мартина. Ним во изборот на новогодишни честитки им помагаше нивната мајка. Тие купија најголем број на честитки од 5 денари и една во плико која чинеше 20 денари. До нив застана баба со внука а потоа дојде и уште едно дете. Наредните купувачи мораа да чекаат во ред што се создаде покрај тезгата.

Вака е секојднево, коментираа продавачите од соседните тезги. Ни раскажаа како само уште преку ова мало празнично задоволство, надополнето со купувањето на елки, лампиони и украси може да се почувствува доаѓањето на новата година.

„Честитките се најефтини и затоа најмногу се трошат. И добро е тоа бидејќи е потврда дека граѓаните ја продолжуваат старата традиција во која си пишуваат и посакуваат среќна и бериќетна Нова година. Убаво е кога поштарот ќе ти зазвони на врата и штом му отвориш ќе ти даде честитка. Потоа следува моментот кога читаш кој ти ја испратил и што се ти напишал. Тоа е причина за да купиш и ти честитки и ти некому да испратиш, да честиташ,да почувствуваш дека доаѓа наредна, нова година ,“ велеа граѓаните кои токму денеска купуваа новогодишни честитики./Д.С

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.