Велешани имаа среќа кога се срони парче од фасадата на свиларската зграда
„Се срони и падна на тротоарот парче од фасадата на свиларката зграда. За среќа не го повреди човекот кој минеше по тротоарот во моментот кога крепата од малтерот падна на плочките. Тој веќе исчекори еден чекор напред но сериозно си исплаши бидејќи парче од фасадата му помина покрај раката. Можеби и го потфати, не знаеме точно бидејќи човекот беше испаничен ама не беше повреден,“ раскажаа продавачите од продавниците на главната улица „8 септември“ кои биле сведоци на случката.
Таа се случила во петокот, околу 15 часот. Парчето паднало токму пред третиот влез во свиларската зграда во близина на плоштад Сармаале и во моментот кога на тротоарот имало голема фрекфенција на граѓани. Никој претходно не забележал дека има оштетување на малтерот на последниот кат од овој колективен објект за домување во Велес.
Сега на тоа место има голема и на отприлика три четири метари уште една помала дупка во фасадата. Граѓаните велат дека тие треба да се затворат за да не се прошируваат во фасадата која најверојатно од временските услови и преголемата влага корозира и се рони. Тие бараат од безбедносни причини да се проверат и останати места на зградата на кои има покажано оштетувања./Д.С
