Општина Велес ги анкетира граѓаните колку се задоволни од услугите што им ги даваат службениците

Објавено на 3 февруари, 2015 во 15:41

Сто педесет и осум граѓани за еден ден одговориле на анкетниот прашалник на општината која се обидува да дознае колку нејзините граѓани ги користат електронските услуги што ги нуди. Преку прашалникот граѓаните одговарале за тоа колку се задоволни од работата на општинската администрација и нејзиното однесување , поточно од начинот на кој службениците им дале одговорот и временскиот период во кој го добиле одговорот.

„Анализата од резултатите јавно ја објавуваме во рамки на стратешките документи на општината. Ги користиме да анализираме што е она што е најголем проблем со кој се соочуваат граѓаните, кои се нивните потреби, во однос на квалитетот на услугите и секако ги користиме за континуирано подобрување на услугите, рече Јадранка Стефкова.

Колку е транспарентна и отворена кон граѓаните, општината мери и со бројот на поднесени барања преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Од таму велат колку е помал бројот на барања, толку повеќе општината е транспарентна. Овој начин граѓаните го користеле најчесто да дознаат како се трошат нивните пари, но имало и такви од областа на урбанизмот и даночната постапка.

„За 2013-та година имавме четириесет и едно барање за слободен пристап до информации од јавен карактер, за минатата година имавме само 28 барања. Тоа се должи на зголемената транспарентност на општината, “рече Стефкова.

Процесот на мерење на мислењето на граѓаните е пракса што општината ја реализира седма година по ред. Велес е меѓу четирите општини во државата која ги користи меѓународните стандарди за утврдување на мислењето на граѓаните. Во иднина општината размислува да ги праша граѓаните за тоа што мислат, има или не корупција во локалните јавни институции./Д.С

 

 

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.