Граѓански протест во Велес за Тамара: „Дајте си оставки – морално е“ (ФОТО)
Не ги криеја солзите и тагата кога дојдоа во Младинскиот парк каде застанаа во знак на револт за прерано згаснатиот живот на малата Тамара. Не се страмеа да плачат додека ги слушаа тескобните зборови и болни воздишки кои излегуваа од душата на мајката Жаклина Димовска. Никој не остана рамнодушен кога жената кажа дека со граѓанските донации од лекувањето на Тамара морале да ја погребаат. Како душата боли по изгубеното чедо покажаа денеска во Велес десетици мајки, татковци, баби, дедовци, сестри, чичковци и тетки.
Сите со едноминутно молчење и оддадоа почит на малата Тамара, порачаа дека детскиот живот нема цена и со црвените картони во рацете побараа оставки од министерот за здравство, Никола Тодоров, од заменик министерот Јовица Андонов, од директорката на на Фондот за здравство Маја Прнаџиева Змејковска и вториот директор Џемали Мехази, од Аспазија Софијанова заменичката претседателка на лекарската комисија чиј потпис стои на решението со кое се одбива барањето за операцијата на Тамара во странство. И сите кои денеска дојдоа во Младинскиот парк молчеа, плачеа и во исто време порачаа:
„Дајте оставки. Морално е да ве снема од системот што монструмски сте го креирале. Дајте оставки за да се сруши системот кој ви служи за реклама и пропаганда. Дајте оставки за да не ни умираат луѓето. Сите вие одговорни за смртта на Тамара, особено ти министре, од сите нас имате црвен картон. Време е да се повлечете и да ја признаете својата не моралност. Тамара и нејзините родители тоа го заслужуваат,“ порачаа присутните на граѓанскиот собир.
На велешани кои денеска дојдоа на протестот „Секое наше дете е Tамара“, мајка и Жаклина, им се заблагодари велејќи:
„ Системот на лошите комисии, две комисии и еден Фонд, едно министерство, еден правен систем ја потпишаа смртта на мојата Тамара. Систем во кој се се решаваше по телефон од страна на власта за тоа кој има право на живот а кој не. Ја оставивте Тамара да чека да се отвори спинален центар во кои и кажавте дека не може да се лекува. И не ни го дадовте решението за да можеме да видиме за што ја уништивте, зошто?,“ рече Димовска.
Организаторите, група граѓани, од Велес на крајот рекоа дека продолжуваат со организирање на протести најавувајќи нареден, набрзо./У.Ј
