Средношколски пленум од Велес: „На државата и требаат и лекари, филолози и уметници а не само математичари“
На старото место, фонтаната кај Авона, но во многу поголем број од саботата средношколците и денеска го започнаа својот уличен протест против екстерното тестирање и полагањето на државната матура. Од таму ја формираа протестната поворка на нивниот мирен марш која продолжи низ улицата „Благој Ѓорев“ а потоа и по „8 септември“ за да стигнат до плоштад „Сармаале“ во центарот на Велес.
Во раце држеа транспаренти на кој пишуваше „Кој ако не ние, кога ако не сега“, „ „Шу Матура“, „ „Матура тортура“, „ Министре јави се“ и уште десетина други, свиреа со свирчиња и извикуваа „Стоп за екстерно и матура“ додека се движеа низ улиците во градот. Кога стигнаа кај фонтаната на плоштад „Сармаале“ ним им се обратија организаторите на маршот од Средношколскиот пленум.
„Многу ми е мило што ве гледам во волку голем број. Мило ми е што гледам како средношколците и граѓаните на Велес како храбро се креваат, застануваат зад своите барања и се борат за своите права. Како средношколци а пред се како граѓани не смееме да дозволиме нашето знаење а пред се и способноста на наставниците да бидат отценети со тестови со триесет случајно генерирани прашања преку компјутерски систем кои повеќе наликуваат на тестови на среќа,“ рекоа од Средношколскиот пленум.
Тие напоменаа дека во оценката на секој ученик треба да спаѓаат сите писмени и усни, одговори активност и редовност на часот, проекти, домашни задачи и слично. Потоа прашаа дали компјутерскиот систем може соодветно да го оцени ученикот преку триесет прашања и дали тоа ќе биде подобро од професорот кој го следи и оценува ученикот цела година.
Средношколка од медицинската паралелка на хемиското училиште јавно праша како да полагаат математика на екстерно кога тие овој предмет го учат само во прва и втора година.
„Оние кои сакаат да се запишат на Филолошки, Правен, Медицински или Факултетот за драмски уметности треба ли задолжително да полагаат математика? Сите ли треба да бидеме математичари? Не требаат ли јазичари, медицинари и уметници?“, прашаа од Средношколскиот пленум.
Од името на организациониот одбор на протестниот марш на велешките средношколци за храброста и учеството им се заблагодари Марија Баркова.
„Сакам да ви се заблагодарам на сите што дојдовте и што не подлегнавте на притисоците и заканите иако ги имаше од сите страни. Се надевам дека на сите ќе им докажеме дека овде сме со право и се бориме за она што го сакаме. Благовремено ќе бидете известени доколку има наредни протести во Велес или генерален протест во Скопје“, рече Баркова.
Бидејќи Министерството за образование ги одби барањата на Средношколскиот пленум тие најавија засилени протести и генерален протест во Скопје. При тоа не пропуштија уште еднаш да потенцираат дека се изложени на големи притисоци од директорите и наставниците во средните училишта во Велес.
„ Тоа го прават преку разговори и совети а во економското училиште се случи директорката дури и да ги заклучи два часа и да не им дозволи да излезат за да ги запре да не дојдат на маршот“, рече Кристина Пеева.
Додека средношколците маршираа низ улиците во градот тие ја добиваа поддршката на граѓаните. Случајни минувачи застануваа и им аплаудираа. Со аплауз беа пречекани и на плоштад „Сармаале“. Денеска три километри долгата патека, рамо до рамо со средношколците, ја изоде и еден дедо иако имаше видливи проблеми при чекорењето.
„Моето внуче е тука затоа и јас дојдов. Овие деца се нашата иднина и многу се паметни. Штом тие сметаат дека не треба сите да полагаат математика туку само оние кои ќе се запишуваат на техничките факултети тогаш тоа мора да биде така. Јас денеска дојдоав а на наредниот протест ги очекувам и останатите дедовци на овие деца со поддршка за своите внуци,“ рече овој велешанец./У.Ј
