„Добре дојде пролет“ порачаа децата од Велес и испратија еколошки пораки
Смеата и џагорот во Младинскиот парк во Велес, како и еколошките пароли што децата од основните училишта ги носеа со себе, и покрај ветерот и срамежливото сонце, ја најавија пролетта. Учениците и годинава испратија силни еколошки пораки, безусловно да се чува и заштитува природата, затоа што само така таа ќе ни врати со добро.
„Го чистевме дворот на училиштето и училниците, садевме дрвца и постојано ја заштитуваме животната средина во која учиме и живееме, така треба да се однесуваат сите граѓани на планетата Земја“, порачаа учениците од основното училиште Рајко Жензифов.
„Со заштита на природата човекот се заштитува самиот себе си и неговото поколение, бидејќи еколошки чистата средина ни гарантира подобро здравје и живот. Да ја чуваме природата, таа ќе ни врати со сиот свој раскош и убавина“, порачаа учениците од основното „Јордан Хаџи Константинов Џинот“.
Се повеќе расте свеста за екологијата кај најмладите, но дали е така и со возрасните. Денеска тие во пресрет на долго очекуваната пролет традиционално излегоа да ги потсетат и да им порачаа на граѓаните дека со природата нема играње, туку таа се штити и се негува.
„Со овој настан сакаме да се зацврсти свеста кај младото поколение но и секако кај граѓаните дека една е природата, мајка на која и должиме многу а тоа е да ја чуваме и да се грижиме за нејзиното опстојување затоа што таа ни дава живот“, рече општинскиот просветен инспектор Македонка Виларова.
Еко манифстацијата заврши со пригодна програма во Младинскиот парк, а своите еколошки пораки децата ги закачија на традиционалното еколошко дрво./Д.С
