Вљубеници во грнчарскиот занает го вртат колцето во куќата на Рацин

Објавено на 19 јуни, 2015 во 12:50

„Грнчарството е мојот животен сон и сакам со тоа да се занимавам до крајот на животот“. Со ваква желба и огромен ентузијазам шестооделенецот Стефан од Велес работи на грнчарското колце на работилницата во Спомен куќата на Рацин. По четири часа дневно, секој работен ден, тој и неговите другарчиња ги учат тајните и техниките на грнчарскиот занает. Глината во нивните вешти раце се обликува и претвора во разни традиционални но и современи предмети.

„Ова ми е втора година како идам на оваа работилница. За неа дознав од мојата сестра која претходно ја посетуваше работилницата. Досега имам изработено грне, едно калениче и пепељара. Ова е моја желба која сакам да ја исполнам и сакам со глината да се занимавам до крајот на животот, рече Стефан.

Грнчарската е една од четирите етно работилници кои петта година по ред се реализираат во спомен куќите во Велес. На неа учествуваат десетина основци, дел од нив за прв пат но дел од самиот почеток.

„Втора година ја посетувам грнчарската работилница. Лани го гледав филмот што го направиле грнчарите и многу ме заинтересира, па сакав и јас да видам како се прават глинени предмети. Научив да работам на колцето и досега направив грне, бардаче и други предмети“, рече Катерина.

„Јас од почетокот на работилницата доаѓам тука и многу ми е убаво. Правиме разни грнчарски производи, но и меѓусебно се дружиме. Ќе продолжам да ја посетувам работилницата и во наредните години“, рече Стефани.

Подзаборавениот занает десетмината млади грнчари го учат под будното око на дедо Цветан. Тој како долгогодишен грнчар е задолжен да ги насочи во техниките и вештините и како да управуваат со колцето.

„Веќе петта година работам со децата на работилницата и многу ми е убаво и интересно. Покрај грнчарството сега децата ги учам нови уметнички форми на предмети кои се бараат на пазарот. Доколку некој се одлучи да се занимава со овој занает може доста да просперира во животот и да заработи. Инаку децата се прекрасни, вредни и послушни, слушаат се што ќе им кажам а и самиот занает е таков, интересен, разновиден уметнички и ги тера да работат“, рече инструкторот Цветан Шопов.

Но не само за грнчарската, интересот кај децата е голем и за столарската работилница која се одржува во куќата на Васил Главинов. По десетина деца ја посетуваат и ткајачката работилница во куќата на Касапови, но најголем интерес има за работилницата за накит во куќата на Џинот.

„Целта со овие работилници ни е да се потсетиме на старите подзаборавени занаети кои во минатото биле многу значајни за нашиот град. На младите да им ги доближиме овие занаети во една автентична традиционална средина. Во овие пет години со сигурност можам да издвојам најмалку петнаесетина дечиња кои и по завршувањето на работилниците се интересираат каде можат да го прошират своето знање за некој од овие занаети“, рече претседателот на Здружение на граѓани „Разбој“ и организатор на работилниците Гоце Станчев.

Предметите што ќе ги изработат децатата на работилниците ќе бидат изложени во куќата на Касапови на 25 овој месец. За вложениот труд пак тие ќе добијат благодарници кои ќе им бидат поттик за учество на работилниците и во наредната година./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.