Ќе завршат ли страдањата на бегалците од Блискиот Исток во Македонија?

Објавено на 19 јуни, 2015 во 13:01

УНХЦР се надева дека македонската влада брзо ќе започне да го спроведува новиот Закон за азил за да не се повторуваат случки како синоќешната во Демир Капија кога полицијата не им дозволила на околу 200 мигранти или бегалци да се качат во патничките возови од Гевгелија за Скопје. Во дипломатскиот одговор на новинарско прашање дали УНХЦР ќе побара одговор од МВР зошто тоа се случило кога вчера во Парламентот беше донесен новиот закон, Мухамед Ариф вели дека токму промените на законот ќе овозможат похуман третман на бегалците низ државата.

„ Брзата имплементација на новиот закон ќе овозможи веднаш да излеземе во пресрет на луѓето меѓутоа мора да помине одредена процедура која мора да се запази. Се надевам дека истата ќе биде скратена,“ рече Ариф.

Високиот преставник на УНХЦР во Македонија се сложи со констатацијата дека овие луѓе треба да се именуваат со зборот бегалци а не со мигранти бидејќи тие до европските земји патуваат за да се спасат од војната во родниот крај а не поради подобрување на материјалната и социјална положба.

Во Велес денеска УНЦХР, Црвениот крст, УНДП и општина Велес го одбележаа светскиот ден на бегалци. Делеа флаери, балони и бомбони со цел да се подигне свеста на граѓаните за третманот на бегалците и потребата од помош за нив.

Дали Европската Унија финансиски ќе и помогне на Македонија во обезбедувањето на похуман третман на бегалците ја прашавме Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП во Македонија.

„Секако дека финансиската поддршка ќе дојде од Европа, меѓутоа ние треба да направиме се за реализацијата на процедурите, стандардите за почитување на човековите права на овие луѓе. Тоа треба да го направиме ние, тука, сите заедно во соработка со институциите и системот на државата. А секако финансиската помош же дојде од Европа и меѓународните институции,„ рече Винтон.

Општината обезбеди гробница за повеќемината загинати Сиријци во железничката несреќа кај Велес. Дали сега ќе ја одбележи, го прашаа новинарите градоначалникот Славчо Чадиев.

„ Да го поздравам законот што е донесен од страна на Собранието бидејќи е потребен за да се добие законска регулатива потребна за транзитирање на овие луѓе. Со оглед на тоа што дневно во Македонија влегуваат по 800 до 1000 луќе можете да замислите што тоа значи на годишно ниво. Тоа се човечки судбини, трагедии од невидени размери,“ рече Чадиев.

Според УНХЦР само годинава во соседна Србија, која за разлика од Македонија ги евидентира мигрантите или бегалците од Блискиот Исток, влегле околу 22 илјади и најверојатно 90 отсто од нив поминале низ Македонија. Од нашата држава досега азил побарале помеѓу 800 и 900 мигранти или бегалци од Блискиот Исток./У.Ј

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.