Велешани бараат дрворед и на другата страна од улицата „Благој ѓорев“
Дебела сенка и ладовина прават високите крошни на липите засадени на десната страна на улицата Благој Ѓорев , на потегот од Жито маркетот до Гимназијата. Таму граѓаните преку ден се кријат од сончевите зраци, седнуваат за да здивнат и да одморат на клупите додека пазаруваат или се враќаат од работа. Тој дел на градот не е празен ниту во вечерните часови кога и млади и возрасни седат под липите и го дишат нивниот мирис. Граѓаните велат дека местото е прекрасно затоа што преку ден високите дрвја ги заштитуваат од жешкото време а навечер им овозможуваат пријатна прошетка.
„Оттука поминувам секој ден кога се враќам од работа, многу е пријатно, не чувствувам жештина, а можам и да се одморам на клупите. Убаво би било кога и на другата страна се насадат дрвца кои ќе држат сенка“.
„Јас сум пензионер и овде постојано си седам на клупите оти е многу пријатно, убава сенка, водичка, клупи, се е на дофат. Пријатно е и дење и навечер“.
Ваквата гледка е причина за реакција на станарите во зградите од спротивната страна на улицата. Нивниот тротоар е без дрвја затоа бараат да биде засаден дрворед.
„Ужасно жешко е во лето. Кога денски се преминува улицата нема каде да се засолнеш додека навечер сите се туркаме на клупите од спротивната страна на улицата.“
„Велес одсекогаш бил град пред се на јавори и липи. Таков сакаме и да остане. Ке бидам пресрекен кога некој ќе се сети да насади барем еден јавор. Тука на тротоарот одговараат дрвја како што се липите па и по уште некоја клупа,за седнување на повозрасните граѓани но јавор би сакал да видам новозасаде во Младинскиот парк, во дворот на гимназијата, основното „Васил Главинов“ и на уште неколку места во градот. Апелирам до надлежните да не ја прекинуваат традицијата затоа што засадените палми не можат да бидат обележје на Велес.“
Одговори на овие прашања на граѓаните побаравме од општината. Локалните власти велат дека наесен или напролет ќе се комплетира дрворедот од двете страни на улицата. И на левата страна ќе се засаделе липи со нецелосно развиени крошни.
„Разговаравме со стручните лица од јавното комунално претпријатие Дервен и одлучивме и таму да засадиме полуизраснати дрвја. Инаку на другава страна од бујната вегетација нема доволно светлина и покрај уличните светилки, па сега на истите бандери ќе се става ново осветлување,“ рече градоначалникот на Велес, Славчо Чадиев.
Велешани кои знаат што претставува секое засадено дрво можеби најавата од општината за садење на полуразвиени липи треба да ја поддржат и со засадување на дрвја покрај стамбените објекти и куќи./Д.С
