Човечки леш изваден од водите на Вардар за кој близок роднина на исчезнатиот Спасе Димовски извршил препознавање
Објавено: 30 август, 2020, во 12:23 часот
30.08.2020
Граѓани претпладнево околу 10 и 30 часот во близина на Стар Мост забележале човечки леш во водите на река Вардар во Велес. Тие пријавиле во полиција.Од МВР за Дума.мк ја потврдија информацијата.
Полициски службеници излегле на пријавената локација и го лоцирале лешот што високиот водостој на реката го носел низводно. Поради непристапноста на теренот долж брегот полицијата го следела лешот и побарала помош од пожарникарите на велешката Територијалната противпожарна единица. Пожарникарите излегле и се вклучиле во акцијата на следење што траела се до вливот на река Бабуна во река Вардар. Повикан бил и Тим за одговор при катастрофи на Црвен Крст Велес. Така е изваден лешот од водите на Вардар.


Увид направила екипа на полициската станица во Велес. Известен е и Јавен обвинител за подрачјето на Општина Велес. Полицијата исто така повикала близок роднина на исчезнатиот Спасе Димовски кој извршил препознавање.
По наредба на Обвинителот, во моментов, за лешот се организира транспорт до Скопје, до Институтот за судска медицина кој ќе ја врши обдукцијата и од чии резултати се очекува потврда на идентитетот на препознатото исчезнато лице Спасе Димовски. Тој за исчезнат се водиод 6 август, годинава, кога го однесе висок водостој што надојде во суводолица во местото Лавчани, кај село Белештевица.
Убавка Јаневска


