По др Зоксимовска и кардиологот др Ѓорѓиевски на работа во Општа болница Велес, од утре се вклучуваат и осумте специјализанти
6.11.2020
На болничко лекување од коронавирус денеска во Општа болница Велес се наоѓаат вкупно 69 пациенти. Од нив 54 се на Инфективно одделение. Според портпаролката на болницата др Весна Николовска Неделкова од нив 51 се потврдени за позитивни додека три пациенти се сомнителни и 20 пациенти се на кислородна поддршка.
-Денеска од инфективно се испишани двајца пациенти со два последователни негативни тестови. На интерното одделение Б- крак болнички пациенти има вкупно 15 од кои пет се потврдено позитивни, 4 се сомнителни и тројца се на кислородна поддршка. Останатите шест пациенти имаат негативни тестови но се со потешка клиничка слика и неопходна потреба од болничко лекување, рече др Весна Николовска Неделкова.
Но, во Општа болница Велес има тешко болен пациент, со влошена здравствена состојба за кого се бара легло како на Инфективна клиника така и во Клиника „Жан Митрев“. На 34 годишниот пациент од Свети Николе, примен пред три дена, му се влошила состојбата и затоа од вчера вечер се бара начин и прв слободен кревет за да се транспортира на една од двете болници поради спасување на неговиот живот. До овој момент нема слободно легло во скопските ковид центри и болници.
Инаку, по вклучувањето на др Деспина Зоксимовска специјалист по дерматовенерологија, која веднаш се вклучи во работата на ковид одделот на Инфективно одделение во велешка болница уште пролетта, во првиот бран, од минатата недела самоиницијативно работата во ПЗУ „Медикус“ во Кавадарци ја замени со работа во Општа болница Велес и кардиологот др Атанас Ѓоргиевски.
Општа болница Велес очекува примерите на др Зоксимовска и дрЃоргиевски да ги следат и осумте специјализанти кои со државна стипендија ги усовршуваат своите знаења за потребите од лекари специјалисти за во јавната здравствена установа во Велес.
Како што дознава Дума.мк од утре на работа се и осумте дипломирани лекари на кои Општа болница Велес им ги плаќа специјализациите. Тие веќе се распределени по одделенијата. Инаку нив Општа болница Велес ги очекуваше како помош и во првиот бран на коронавирусот за лекувањето на ковид пациенти./У.Ј
