Данов: Мандаизмот, прапочетоците на богомилското движење
14.02.2021
Трагајќи по прапочетоците на богомилското движење, многу често наидував на мислења дека во основа се работи за дуалистичка теорија која потекнува веројатно од Блискиот исток, од извориштето на христијанското учење. Малите религиозни групи и центри на Блискиот исток се многубројни и се поврзуваат со изворните облици на христијанството, иако подоцна се развиваат во најразлични правци кои често стануваат и антагонистички сваќања на иста тема.
Едно од најчесто посочуваните религиозни верувања, кое во себе има основи на богомилството е сигурно мандаизмот, учење на една мала христијанска популација која се наоѓа отсекогаш на извориштето на христијанството. Таа постои и денес во Иран ( Хузестан) како и во Ирак ( околу Басра) каде живеат на бреговите на реката Јордан, за која се духовно врзани. Брои околу 100.000 членови.
Мандејците се семитски народ, стар колку и еврејскиот, а со својот религиски, но и естетски и популистички начин на живот многу се разликуваат од околните религиски заедници со кои, во основа, живеат во некоја позитивна и едноставна симбиоза.
Мандејците го практикуваат декалогот, односно десетте божји заповеди. Во основа на своето учење го земаат проповеданието на Јован Крстител, кој го покрстил Исус. За Исус Мандејците сметаат дека е лажен пророк, кој го извртел и издал Јовановото учење. Забрането е самоказнувањето и аскетизмот, а отфрлено е и обрезувањето како чин на саморанување, иако него го практикуваат до ден денешен повеќе мали христијански заедници на Блискиот исток. Алкохолот е најстрого забранет, а во време на пости дозволен е само леб и се пие осветена вода.
Основата на религијата е покрстувањето (баптемата) кое го сметаат за прочистување на духот и телото. Се крштеваат со потопување во водите на реката Јордан, која за нив е света река и чија вода има чудотворни карактеристики. Покрстувањето, според Мандејците, може да се прави безброј пати во животот, секогаш кога човек ќе осети потреба да ги исчисти гревовите од себе.
Религијата на Мандејците тврди дека тие можат да комуницираат со Бога, а Хај Рави е живиот бог кој е над сите.
Мандејците во својата иконографија практикуваат дрвен крст направен од подебели гранки, преку кој е префрлен бел плашт кој го симболизира исусовиот покров.
Се облекуваат во бело, мажите носат брада, а жените се равноправни во се, па и во религиските обреди во кои учествуваат напоредно со мажите.
Крштевање во река Јордан
Обредот баптема – покрстување, се изведува во вода, со полевање , но и со потопување во водата. Го изведува човек кој во рацете држи стап, а крстениот клечи во водата облечен во бела облека, на појасот е врзан со дебело бело плетено јаже и е цело време полеван или е потопуван во вода. Останатите членови на заедницата читаат од отворени книги – гинзи, во кои се наоѓаат теолошки записи, базирани на практични, усвоени и едноставно запишани цитати.
Во заедницата на Мандејците нема неписмен човек, а Ирачаните овој народ го нарекуваат и „Народ со книгата“, бидејќи секој човек постојано со себе носи книга – гинза. Бројот 7 за Мандејците е свет, магичен број, а читаат и пишуваат од десно на лево, како и арапите.
Јазикот и писмото се посебна приказна и не се поклопуваат со ниедно познато во нивната околина, иако тие самите зборуваат и по неколку јазика. Гостопримливи се , но не се расположени за религиски разговори со дојденците.
Прават рачно изработена керамика, односно употребни садови во вид на потиња, каленици, кои обавезно се кружно испишани со тектови од гинзата, а неретко се појавува и рачно нацртан цртеж.
Изворното разбирање врз кое се базира мандаизмот всушност е религија која признава три елементи: светот на светлината, каде живее Господ и ангелите, потоа материјалниот свет на земјата, на кој живеат сите луѓе и мрачниот, подземен свет на ѓаволот.
Помеѓу материјалниот свет на земјата и светот на светлината постои порта ( врата) која има чувар ( аватар) и само определени особи можат да преминуваат од еден во друг свет.
И` благодарам на г-ѓа Имрен Јосифова од Турција за отстапените документи за мандаизмот. Во старите турски документи постојат записи за овој стар, религиски народ. Таму се вели дека Османлиите со завземањето на денешен Иран и Ирак за прв пат се соочиле си Мандејците и биле многу фасцинирани од нив бидејќи биле мирољубиви, писмени, зборувале и пишувале по неколку јазици, не ги посетувале христијанските храмови, немале иконографија и биле познати како „луѓе кои не лажат“! Многумина од нив биле донесени како писари и преведувачи во Истамбул и поголемите турски градови каде уживале големи привилегии.
Карактеристично за Мандејците е дека кога патуваат, преку рамото на грбот носат „торба“ од бело платно, а во рацете обавезно стап и визуелно потсетуваат на бабуните, торбешите или патарените, како се нарекуваат богомилите.
Вашиот хроничар и истражувач
Љупчо Данов