Заев од велешки „Брако“: Горд сум што над 60 млади инжинери стојат зад ова еколошко возило а со тоа и што компанијата и нашата држава е конкурентна на светскиот пазар
24.03.2021
Претседателот на Владата на Северна Република Македонија и поголем број на министри денеска присуствуваа на промоцијата на новите возила „Greеn machines“што ги произведе велешки „Брако“. За Зоран Заев причинува особена чест и задоволство да присуствува на отворање или на најава за нова инвестиција во државата.
-Дополнително, задоволството е уште поголемо кога компаниите се модернизираат, технолошки напредуваат, освојуваат нови пазари, отвораат нови работни места и влијаат на подобрување на севкупната економија. Особено силен мотив даваат позитивните примери како велешката компанија Брако која од претпријатие во стечај се модернизира во една од најнапредните технолошки компании во Северна Македонија. Горд сум што над 60 млади инжинери стојат зад ова еколошко возило а со тоа и што компанијата и нашата држава е конкурентна на светскиот пазар,рече Заев.
Во велешки „Брако“ е произведена првата во Европа еколошка машина за одржување на хигиена во урбани средини под брендот „Грин машинс“ ГМ500Х2 која работи на водород. Еколошкото возило при чистењето испушта само вода, а не издувни гасови како досегашните возила. „Грин машинс“ ГМ500Х2 ги помина сите тестирања. Продадени се и првите две возила. Машините ги чистат улиците во Амстердам и во Утрехт во Холандија. Еколошките машини се создадени со помош на холандската компанија „Хоуфаузер“ специјализирана за видот на горивни келии на водород. Вториот нов производ на „Брако“ е возилото чистач „ГМ955“ комплетно развиено од инжинерскиот тим на компанијата кое содржи вкупно 6 до 7.000 компоненти, делови, од кои 4 до 4,5 илјади компоненти произведени во халите на велешката компанија.
-Овие возила се гордост на Брако, за инжинерскиот тим и вработените, за градот Велес и во исто време за државата. Создадени од 60 инжинери ,со просечна старост од 30 години и тројца од нив студирале на светски реномирани универзитети а се вратија во „Брако“ и се трудат да ни помогна во развојот на компанијата. Тоа за нас е посебна гордост и чест. Во фабриката имаме интегриран процес кои не се состои само од монтажа туку и од производство на најголем број од потребните компоненти. Ова е начин од државата да не извезуваме деца. За тоа ни се потребни производствени капацитети. Менаџментот на Брако верува дека развојот на индустријата е производство на производи со поголема додадена вредност , извозно орјентирани, наменети за светскиот пазар и конкурентни, рече сопственикот и Претседател на Бордот на директори на „Брако“ Кочо Анѓушев.
Тој додаде дека посочениот пример е единствен начин за раст на економијата и на индустријата со исполнување на два предуслови како што се следење на најнови технологии и набавка на најнови машини што „Брако“ минатата година го направи кога во услови на пандемија на ковид отвори инвестициона програма што чини 8 милиони евра за производство на нови производи, нови технологи, реконструкција на постоечките и изградба на нови производствени хали. Анѓушев најави агресивно инвестирање, отворање на нови инвестициони процеси и производство на нови производи.
-По производството на потребните компоненти од нашите вработени и донесените за едно возило потребно е време од два до два ипол дена за склопување во погоните на компанијата, додаде Анѓушев.
„Брако“ последното возило за чистењего продало, пред две недели, во Лондон за потребите од чистење на Кралскиот двор откако претходно ја чистеле платформата пред Белата куќа пред инаугурацијата на претседателот Џо Бајден. Сега во „Брако“ се произведуваат 20 возила кои се продадени во САД, Франција, Белгија, Обединетото Кралство и Тајланд додека Австралија и Буенос Аирес, Аргентина се најодалеченитеа дестинации на кои се продадени возила.
Едно возило чини помеѓу 120.000 и 180.000 евра.
На денешниот настан Претседателот на Владата, Зоран Заев прв во дворот на Брако го возеше возилото ГМ500Х2 кое работи на водород по што следуваше и демонстрација од страна на работниците возачи на двата вида еколошки машини за одржување на хигиена во урбани средини под брендот „Грин машинс“.
Убавка Јаневска