Две мајки од Велес трагаат по вистината за нивните синови!
Додека киднаперите на 25 годишниот Анѓел Стојанов од Велес ја одлежуваат затворската казна, неговите родители се уште трагаат по вистината. Каде исчезна нивниот син? Таткото на Анѓел бара да се обнови потрагата по него. И до сега се обидувал да ја убеди полицијата, но не успеал во тоа.
„Јас знам каде е телото, тоа е блиску до селото Ногаевци во пречник од еден километар, а тоа може да се види од последниот сигнал на неговиот мобилен телефон. Но, не можам сам да го пребарам теренот и за тоа ја молам министерката да ми даде куче трагач и повеќе луѓе со кои ќе го прекопаме теренот“, рече Сашко Стојанов, татко на Анѓел.
Надежта дека Анѓел е жив одамна исчезна, но неговата мајка сака виновниците да ја добијат вистинската казна бидејќи судот не ги осуди за убиство туку за киднапирање и тоа нивните соседи татко и син на по девет години затвор. Најмногу ја мачи неизвесноста и мистеријата поврзана со исчезнувањето на синот.
„Година и пол чекам одговор каде ми е синот, нека ми каже некој има ли таква мајка во земјава која не знае каде и е детето. Ми го убија и не ми кажуваат каде му е телото, како може да нема гроб каде ќе му одам. Остави две деца и жена, греота е и за нив“, рече Весна Стојанова, мајка на Анѓел.
Пред судската зграда во Велес уште една мајка ја бара правдата за синот. Три години чека да бидат пронајдени убијците на 31 годишниот Блаже Стефанов. Поминаа три години откако беше изрешетен со 31 куршум додека се возеше во автомобил, но убијците не ги откри ниту полицијата ниту обвинителството, вели таа.
„Одев во полиција, во обвинитество, кај народниот правобранител и сите ми викаат истрагата е во тек. Како тоа е во тек кога никој не ми ги кажал убијците на синот. Ја молам министерката да ги најде и сите што знаат нешто да кажат кои се и да не се плашат. Не можам повеќе живеам само за денот кога ќе ги дознаам луѓето кои го убија Блаже“, рече Магда Стефанова, мајка на Блаже.
И двата случаи се се уште отворени и се води истрага за нив, одговараат од велешката полиција, а сличен одговор имаат и од обвинителството. Кој се убијците на Стефанов сеуште не се знае, но истрагата е отворена. Грабнувачите на Анѓел пак ги стигна казната и тие се во затвор, а по него потрагта продолжува, велат од таму./Б.Н.