Груевски: Продолжуваме со реформите, подобрување на бизнис климата и подготвени сме за преговори за влез во ЕУ и НАТО
За интересите и потребите на сите граѓани, продолжувањето на реформите, сите досега реализирани проекти и новите кои во моментов ги подготвува Владата, за зголемените плати на административците, пензиите на пензионерите и социјалнa помош на најранливата категорија на граѓани поточно социјалните случаи, субвенциите и другa помош зборуваше синоќа пред велешани премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски на трибината во општинската сала „Бели Мугри“.
Тој нагласи дека петнаесетчасовната работа на министерскиот тим и Кабинет како и нивното вложување по пет години ги дало очекуваните резултати.
– Има ред, пред се тоа е ред, бидејќи ако се плаќа низок данок мора секој да плаќа а не едни да плаќаат а други да не плаќаат. И второ да нема ситуација со помалку приходи. И на тој начин со намалени даноци ама секој да ги плаќа имаме повеќе приходи во Буџетот. Луѓето ем плаќаат помали даноци ем се полни Буџетот. Со таква политика успеавме за кратко време да ги смениме работите во Буџетот и да ги зголемиме пензиите. Од март за 5 % ќе има ново зголемување на пензиите и на примателите на социјалнa помош а од септември вгодина, исто така и за јавната администрација. Тое некој ќе рече не е многу но дали има држава која во изминатите пет години во услови на светска и европска должничка криза покачила плати и пензии. Јас ке ви кажам дека нема а ние чекор по чекор покачуваме и тоа го правиме затоа што ветивме, рече Груевски.
Тој се осврна и на залагањето на Владата за отворање на нови работни места. Соопшти дека при патувањата во странство лично и министрите спроведувале стратегија за подобрување на бизнис климата со крајна цел отворање на нови работни места и вработување на што повеќе граѓани во Македонија.
– Знаете дека минатата недела објавивме дека германски инвеститор ќе отвори фабрика во Велес. Владата првите контакти со него ги направи пред пет години. Значи од 2008-ма го бркаме инвеститорот за да дојде во Велес и си ќутиме, не кажуваме ништо. Дојде нивниот преставник минатата недела и сам си го кажа името на фирмата која в година во март ќе ја започне градбата на фабриката во која ќе се вработат 600 луѓе, рече Груевски.
На велешани им вети дека ќе останат доследни на ветувањата и програмата. Се обврза и на повеќе од она што го ветиле.
Груевски потсети на реновираните и новоизградени болници, како дел владините реформи, на лекарите и останатиот медицински персонал кој се обучува во врвни странски клиники имајќи ја во предвид заложбата Македонија да стане лидер во здравството.
Премиерот и претседател на ВМРО ДПМНЕ ги наброја и проектите со кои се спроведува образовната реформа како изградба, реконструкција или реновирање на училишта и преведување на врвни странски учебници на македонски јазик, комплетното стипендирање на студентите на странските универзитети но и на обврската што ја имаат по дипломирањето а тоа е да се вратат и шест години да одработат во Македонија.
Се осврна и на борбата против криминалот и корупцијата, на нулта толеранцијата, според која кој ќе биде фатен ќе плати за тоа, рече Груевски. Тој потсети дека за две години биле направени и сите реформи за влез на Македонија во НАТО и ЕУ.
– Од нашето доаѓање на власт исто така за една година беа завршени сите реформи за почеток на преговорите. Одтогаш добиваме пет последователни позитивни извештаи со препорака од Европската Комисија од Европскиот Совет да започнат преговорите со Македонија. За жал една е причината да не се случи тоа а тоа е противењето на нашиот јужен сосед и системот кој го има во ЕУ да се одлучува со концензус како и неможноста да се обезбеди барањето да се смени името на нашата држава, на нашата националност и јазикот. Пристапуваме со голема посветеност и се трудиме да најдеме решение кое нема да биде сериозен удар за нашиот идентитет а да биде задоволувачко и за другата страна. Но, за жал другата страна во ова време е целосно дефокусирана по ова прашање, се занимава сама со себе со своите проблеми а ЕУ знаејќи дека ситуацијата е таква не врши некој дополнителен притисок за тој товар да не биде дополнителен, рече Груевски.
Тој потсети дека Македонија е подготвена за започнување на преговори за НАТО и ЕУ./Б.Н