Прилепски „Микрон теч“ нема да влезе во велешки „Киро Ќучук“
Андрејче Тодоровски е поранешен работник со 35 годишен стаж и малцински доверител во фабриката за производство на тули „Киро Ќучук“ кој и денеска присуствуваше на Собранието на доверители. Тој гласаше против како и останатите доверители, кои не го прифатија планот за реорганизација на туланицата на прилепската фирма „Микрон теч“.
– Несериозна е понудата на потенцијалниот инвеститор. Тој сака за 5 илјади евра, пари кои му ги борчи мојата поранешна фирма, да го добие целиот капитал на „Киро Ќучук“. Она што сакам да го кажам како забелешка е што слушнав дека во пописот што го направиле нестручни луѓе има прикриено доста машини што најверојатно се изнесени и ги немало во фабриката, потоа станови и друго. Стечајниот управник не ги прифати моите солуции и сега ќе чекаме инвеститор некој да дојде со пари, рече Тодоровски.
Тој и останатите доверители на „Киро Ќучук“ на денешното Собрание на доверители прво го слушаа ставот на стечајниот управник Ацо Петров. Бидејќи сопственикот на прилепски „Микрон теч“ не дојде и не испрати преставник на фирмата, програмата со која конкурираше за влез во фабриката во Велес, ја образложи стечајниот судија Александар Шопов.
Потоа причините зошто смета дека програмата е неиздржана ги соопшти стечајниот управник, Петров.
– Планот за реорганизација беше без прецизни податоци, кога ќе се исплатат доверителите и не нудеше никакви банкарски гаранции, рече Петров.
Потоа доверителите одлучија фабриката да се ликвидира и да се понуди на продажба како една целина.
– Сега се знае прво Управа за јавни приходи ќе си ги наплати парите а они се најголеми виновници за оваа ситуација во која дојде Киро Ќучук затоа што дозволија со блокирана сметка да работи пет години, коментираа работниците кои стоеја пред зградата на велешки суд и го чекаа исходот од собранието.
Ним им останува сега да ја чекаат уште одлуката на Одборот на доверители по што ќе биде распишан оглас за јавна продажба на нивната поранешна фабрика. Таа е проценета на 3, 7 милиони евра и со долгови кон доверителите кои чинат близу 10 милиони евра./Б.Н