Ниските температури и сланата со фатални последици по јачменот и пченицата
Сланата ги „попари“ површините под пченица во велешко чија сеидба годинава задоцни поради сушата. Измрзнаа посевите во селата Иванковци, Ново Село, Оризари и Извор. Станува збор за површина од над 2.000 хектари под лебно жито и јачмен. Првичните проценки на земјоделците се дека штетата е голема на над 80 отсто од вкупно посеаните ниви.
– Оваа е најлоша година. Почна со суша која го преполови родот и продолжи со задоцнетата есенска сеидба. Сега нив ги дотолчија сланатаи студот. Сеев на површина од 700 и незнам дали ќе спасам 300 хектари. Тешко ќе биде. Ќе морам нивите под пченица да ги преорам, рече Ивица Стојков земјоделец од село Иванковци.
Иста е состојбата и во селата Сујаклари, Бузалково, Ногаевци. Ништо не е подобро на нивите во сопственост на ЗК „Вардар“ од Градско. Тамуј годинава под пченица се посеани 1.700 и под јачмен 1.500 хектари.
– Ќе мора да се преораат сите ниви. Размислувам за сеидба на поиздржливи сорти на ниски температури. Секоја година или студот или пак сушата ни го уништува родот, рече земјоделец од Горно Оризари.
Годинава во велешко беа посеани вкупно 7.600 хектари земја од кои 4.300 под лебно жито и 3.300 хектари под јачмен. Земјоделците очекуваа род од над 13.000 тони лебно жито и околу 10.000 тони јачмен. Но тоа нема да се случи. Доколку не падне снег ќе измрзнат и последните проникнати стракови./Б.Н