Опозициските советници обвинија дека не биле поканети на јавна расправа за Буџетот а општината тврди дека тоа не било така
На јавната расправа за Нацрт-буџетот на општина Велес за 2014 година, што ја организирала локалната власт, не биле поканети советниците од Сојузот за иднината. Градоначалникот, Славчо Чадиев и локалната власт предводена од ВМРО ДПМНЕ постапија крајно неодговорно, соопшти денеска советникот на СДСМ, Борче Павлов.
Тој истакна дека салата во која се одржала јавната расправа била повеќе од половина празна, присуствувале само неколку советници кои случајно се нашле во општината и не биле информирани граѓаните. Павлов ги запраша одговорните зошто воопшто организираат јавна расправа за буџетот кога не се повикуваат велешани да дојдат и да си го кажат своето мислење за предвидените трошења на нивните, народни пари.
– Од што бега ВМРО ДПМНЕ? Дали вака, про форма или ради реда организираните јавни расправи ќе им донесат нешто добро на велешани ако Чадиев како предлагач го нема на расправата а исто го нема ни претседателот на Советот Колев, праша Павлов.
Од СДСМ сметаат дека локалната власт е неодговорна и покажала дека е нетранспарентна. На ова реагираа службите на општина Велес.
Во соопштението е наведено дека транспарентноста се почитува како никогаш до сега, дека носењето на Буџетот во две фази, нацрт и предлог, не е законска обврска туку резултат на желбата и интересот на градоначалникот и претседателот на Советот кои ги посетиле сите урбани заедници и ги презентирале програмите за работа за 2014-та како и организираните тркалезни маси со различни структури на граѓани.
– Што се однесува до Јавната расправа за Нацрт-Буџетот во 2014 година, Општина Велес стои на ставот дека сите советници, преставници на месните и урбаните заедници, институции и здруженија на граѓани и фондации беа уредно повикани да присуствуваат на одржаната презентација, тврди општината.