Стојанче Димовски ќе патува на лекување во Кина, родителите земаа кредит од банка
И покрај тоа што многу малку пари се собраа од досегашните хуманитарни акции граѓанските здруженија не се откажуваат од мисијата да му помогнат на единаесетгодишното дете болно од церебрална парализа. Родителите земаа кредит за да ги подмират најосновните трошоци за три месечниот третман кој чини близу 15 илјади долари.
Сега ние граѓаните сме на тест за хуманост, рекоа денеска Ана Милевска Георгиева од невладината за човекови права и демократија „46664“ и Далиборка Златева од Здружението за лица болни од церебрална парализа.
– Од името на родителите им се заблагодарувам на сите граѓани и бизнисмени кои донираа пари но исто така ги повикувам и оние кои тоа сеуште не го сториле. За да му помогнеме на Стојанче да ги направи сам првите чекори ќе организираме хуманитарна забава во „Чао кафе“ во петок со почеток во 20 часот. Дојдете и дарувајте само така можеме да покажеме дека сме луѓе одговорни кон себе, кон оние на кои им треба помош и кон заедницата во која живееме, рече Милевска Ѓеоргиева.
– Како Стојанче има стотици деца во државата. Таа мора да формира фонд преку кои ќе им помага штом биде дијагностицирана болеста. Сега помош му треба на Стојанче и затоа ги повикувам сите граѓани да се одзват на овој апел, да дојдат во петок вечер во „Чао кафе“ и да донираат кој колку може. Ќе кажам само уште тоа дека нашето здружение се подготвува за одбележување на светскиот ден на лицата со хендикеп, 3-ти декември. Манифестацијата ќе се одржи во салата „Бели мугри“. Тоа е уште една шанса да му помогнеме на Стојанче. Целиот собран приход ќе го намениме токму за него, рече Златева.
Во петок вечер во „Чао кафе“ ќе настапат Мики Секуловски, Дарко Димов и бендовите „Who Else“ и „Bad Influence“ а потоа забавата ќе продолжи во ноќниот клуб „Тарантино“ каде ќе бидат поставени каси за донација и сите заинтересирани ќе можат да донираат пари./Б.Н