Железничкиот сообраќај во државата е во прекин
– Прво слушнавме јак удар а потоа возот три пати силно се затресе, некој од патниците почнаа да викаат и јас се уплашив. Останав да седам и не мрдав додека се смири ситуацијата. Потоа видов како од кабината излегоа машиновозачот и кондуктерот. Еден од нив беше со крвава глава. Потоа почнаа да зборуваат дека се случила сообраќајка и ни рекоа да седиме во вагонот додека не дојдат автобусите за да не зема, рече патничка од Гевгелија.
Таа заедно со стотина патници патуваше во третиот вагон на патничкиот воз од Скопје за Гевгелија кој вчера попладне, во 17.55 часот се судри со товарен воз на станицата „Рајко Жинзифов“ кај Велес.
– Јас бев во првиот вагон. Слушнав силен тресок и по инерција завршив врз багажот. Имаше патници кои паѓаа на спротивните седишта а некои завршија во стаклата на прозорците. Имавме среќа што тоа се случи на излегување од станицата и возот не возеше брзо но се исплашив, раскажа патничка од Демир Капија.
Двата воза се сообраќале од Скопје кон Велес но на различни колосеци. Патниците од патничкиот воз рекоа дека возот во кој тие патувале бочно го удрил товарниот, во движење.
– По три силни удари, возот се заниша, светлата се угасија а луѓето почнаа да викаат. Некој се држеа за глава, за нозе или раце. Со видливи повреди, раскрвавена глава, беше само еден од двајцата мажи кои излегоа од кабината на машиновозачот. Тие заминаа а ние останавме во возот. Сега наместо во Градско да бидам во 18.15 ќе стигнам во 23 часот, рече патник.
Тој беше еден од стотината патници кои Македонски железници на станицата во Велес ги донесе со автобуси. Кога се качија во возот кои стоеше и ги чекаше за да се врати назад кон Гевгелија во автобусите се качија патниците што чекаа во Велес, од Гевгелија и Битола, и заминаа за Скопје. Автобускиот превоз беше замена за возењето со воз. Мораше да се реализира бидејќи на станицата „Рајко Жинзифов“ четири вагони и локомотивата од товарниот воз беа излизгани надвор од шините. Сообраќајот беше во прекин.
Комисија составена од преставници на двете железничарски компании, инфраструктура и патнички сообраќај, заедно со јавниот обвинител од Велес и увидната екипа на СВР Велес направија увид. Тие ќе треба да ја утврдат причината за несреќата во која нема фатални последици по животот на патниците.
Неофицијалните информации од синоќа беа дека виновникот ќе се бара меѓу луѓето откако било констатирано дека функционирала сообраќајната сигнализација на станицата. Таа е електронска.
За денеска беше најавено официјално соопштение од железничарските претпријатија, расчистување на пругата и нормализирање на сообраќајот. Утринава од станицата во Велес не заминаа возовите за Скопје а не дојдоа ниту вообичаените од спротивна насока./Б.Н