(видео и фото) Велес, од утревечер, домаќин на XVIII издание на ИФФ „Велес“ 2023
Четири дена Велес ќе биде во духот на традицијата, фолклорот и културната историја. Повеќе од 600 гости од кои 200 странци, ќе играат, пеат, и ќе се забавуваат заедно со велешани на 18 издание на Интернационалниот фолклорен фестивал „Велес 2023“ . Оваа година, фестивалот има богата програма со настап на шест странски ансамбли, поточно од Босна и Херцеговина, Северен Кипар, Мексико, Хрватска и Словачка. Покрај нив, ќе учествуваат и девет македонски ансамбли како и четири велешки фолклорни ансамбли. Исто така, дел од годинешниот фестивал ќе бидат и пејачката група „Распеани пензионери“ и ОТИ при ООМУ ,,Стефан Гајдов“ а дефилето ќе биде збогатено со Тапаните на АФ ,,Гоце Делчев“ од Битола и дечињата од Детската градинка.
Велешани секоја година му даваат посебно значење на овој фестивал и истиот е посетен од голем број на граѓани. Фестивалот, утревечер, ќе започе со традиционалното дефиле во 19:30 часот од пред ученичкиот дом „Лазар Лазаревски“, потоа ќе продолжи кон Трговскиот центар и ќе излезе на на улица „Благој Ѓорев“, по неа ќе се движи се до Пошта од каде свртува и се враќа по улицата „Алексо Демниевски“ се до амфитеатарот во Младинскиот парк, каде во 20:00 часот ќе биде свеченото отворање на фестивалот.
Градоначалникот Марко Колев, на денешната прес конференција ги покани сите велешани и македонци коишто живеат во Република Македонија да дојдат во Велес и да уживаат во четирите фестивалските вечери.
Она што му дава посебен белег на овогодинешниот фестивал е тоа што тој од оваа година е член на СОФАМ и е дел од светската организација за фолклор ЦИОФФ, соопшти на денешната прес конференцијата, Томе Јаневски, претседателот на организациониот одбор на ИФФ. Тој најави и дека втората вечер ќе ја отвори една реномирана музичка група од Македонија што ќе биде изненадување за публиката.
Оваа година Свеченото отворање на фестивалот ќе биде со видео стрим организиран од ,,Дума.мк,, и „Телекабел“ и директено ќе се преносува на „Балкан мјузик телевизија“.
Сите фестивалски вечери ќе се одржат на отворената сцена на Амфитеатарот во Младинскиот парк. Во случај на лоши временски услови, програмата ќе се реализира во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“.
Фестивалот финансиски е поддржан од Општина Велес со 800.000 денари и 200.000 денари од проектот на Министерството за култура на Република Македонија, како и помагатели од бизнис заедницата.
Стефани Манева