Велес убаво украсен и подготвен за Новата 2026-та, но граѓани сметаат дека празнична атмосвера недостига преку Вардар – на источната страна (видео и фото)

Објавено: 31 декември, 2025, во 13:12 часот

Ѕвездени неба на две локации на централните градски улици, првата на „8 Септември“ од плоштад С`рмаале до зграда на Македонски пошти и втората на „Благој Ѓорев“ помеѓу кафетериите и велешката Гимназија, украсени стебла на дрвја, светлечки новогодишни реквизити во најголем број во Младински парк се декорациите коишто ја доловуваат празничната атмосвера во Велес. Во близина на новата фонтана, спроти Трговски центар во Нова населба, магијата е надополнета со празнична музика која одекнува во поширокиот простор на овој дел на градот. Осветлените објекти како Градски саат и зграда на Народен музеј оставаат впечаток на додадена вредност на севкупниот амбиент.

Воглавно, со набавките на новогодишните декоративни осветлувачки материјали во изминатите две години, Велес новогодишно и божиќно украсен е и убав, и според некои проценки далеку по магичен од Скопје. За тоа колку ги чини Велешани празничната магија, во друг текст. Во овој, сепак мислењата на граѓаните за тоа што градот го прави интересен за вечерни и ноќни празнични прошетки од една и од друга страна за размислувањата на тие кои живеат преку Вардар, на неговата западна страна.

Мислењето дека е убаво да се почувствува празнична атмосвера го делат и Велешани кои живеат преку Вардар, од спротива на стариот и нов градски центар. Тие констатираат дека за „да влеземе во празничната градска магијата мораме да дојдеме од спротивната страна во родниот град“. Нивните коментари се дека „и улицата Димитар Влахов е централна но на неа, од влезот во Велес се до Стар Мост, нема ниту еден декоративно светлечки украси“.

-Порано барем имаше поставено новогодишна елка кај „зграда на ДОС“ и украси на металните столбови за осветлување на Димитар Влахов а сега освен на оградите на мост Гемиџии, од едната страна, и на Стар Мост ништо не асоцира дека како граѓани сме дел од Велес кои празнува новогодишни и божиќни празници, рече Велешанка.

-Постојано ја запоставуваат нашата или спротивна страна на центарот на Велес. Можеа да постават едно новогодишно или божиќно дрвце. Нема светлечки украси како да треба се да е само сконцентрирано во новиот центар на градот, рече Велешанка.

-Ние кои живееме во близина на Железен Мост сме на мислење дека градската власт треба да го осветли овој симбол на Велес. Запоставен е и влезот на градот. Тука нема елки и украси. Е како да се вклопиме во празничната атмосвера, да одиме во Младински парк ли треба?, смета Велешанец.

– Деновиве Дедо Мразовцовци шетаа низ Велес. Ај посакувам барем еден од нив да ги прочита овие наши желби и во новата 2026 година да ни ги исполни,“ додаде Велешанец.

Според традиционалното верување, дека навистина се остваруваат помислените желби за време на новогодишната ноќ, во моментот кога стрелките на часовникот се поклопуваат една врз друга, можеби ќе се остварат доколку нашите сограѓани ги помислат токму вечерва!

Убавка Јаневска

Фото галерија:

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.