Велес во 2022 година добил 385 нови жители останатите 146 бебиња се од Градско и од Чашка
Според евиденцијата на Службата за превентивна заштита на предучилишни деца во Здравствен дом во 2022 година, во трите општини Велес, Чашка и Градско родени се вкупно 531 бебиња. Од оваа бројка велешанчиња се 385, 123 се бебиња чии што родители живеат на територијата на Општина Чашка додека 23 се новороденчиња кои според местото на живеење припаѓаат на Општина Градско.
Овие статистички податоци на Службата за превентивна заштита на предучилишни деца се добиени според пријавувањата од страна на родителите на децата за потребите од задолжителната вакцинација што како здравствена заштита се реализира и е пропишана согласно Закон во државата.
Пред два дена Дума.мк објави податок добиен од Одделението за гинекологија и акушерство на велешка болница, тогаш беше соопштено дека таму лани се родени вкупно 383 бебиња. Разликата од две новороденчиња најверојатно се должи на начинот на пријавување од страна на родителите кои избрале наместо во градската велешка болница раѓањето на своите деца да се случи во болница којашто се наоѓа надвор од територијата на трите општини.
Инаку, се совпаѓаат податоците на двете здравствени Служби, Одделението за гинекологија и акушерство на велешка болница и Службата за превентивна заштита на предучилишни деца во Здравствен дом Велес во делот на породувањата што биле реализирани надвор од Велес. И првата и втората здравствена служба констатираат дека бремените жени во Скопје се одлучувале на раѓање во градската акушерска клиника, клиниката во Чаир како и во неколкуте привати клиники во главниот град на државата. Од службата за превентивна заштита додаваат дека постојат случаи и на раѓања во штипската, прилепската и струмичката државна болница додека за породување во Битола биле користени здравствени услуги на приватна болница.
Стефани Манева