(Видео и фото) Не доволен е бројот на велешани „на велосипед“ за да се намали метежот во градскиот сообраќај, општината сеуште не ги става во функција електичните велосипеди
Велосипедот не е само забава туку и потреба. Засега Велес не се наоѓа на листата на градови во кои велосипедот е замена за автомобилот. Сепак се зголемува бројот на велешани кои купуваат велосипеди но нив не ги користат секојдневно за доаѓање на и за заминување од работното место, за пазарење и за други секојдневни потреби, констатира Зоран Јаневски претседател на ЗГ „Велес бајкинг“ на светскиот ден на велосипедот.
Повеќе од три децении велешки граѓански организации говорат и бараат велосипедска патека покрај патот од Велес до езеро „Младост“. Наместо да се изгради, со реконструкцијата поточно стеснувањето на патот, тешко дека ќе може да се реализираа оваа дамнешна желба. Но, Јаневски не е обесхрабрен туку се залага и за патеки на други релации во општината.
Добра е одлуката за субвенционирање од страна на општината за купување на велосипед, смета претседателот на ЗГ „Велес бајкинг“. Според нивната статистика годишно во Велес се купуваат по околу 300 велосипеди и тоа што сега треба да се прави е да се развива свеста на граѓаните освен за рекреација да ги користат секојдневно за да се намали метежот во сообраќајот од една и од друга страна велешани да се разубедат дека станува збор за инвестирање во личното здравје.
Општина Велес во рамките на проектот „Смарт езеро Младост“ набави 20 електрични велосипеди. Но наместо да ги стави во употреба велосипедите стојат во ЈП „Парк спорт и паркинзи“. Советот на Општина Велес на седница одржана минатата година, на 26 мај, го усвои планот и програмата за изнајмување на електричните велосипеди но до денеска не ги стави на располагање на граѓаните. Исто така на ова јавно претпријатие, кое засега е само чувар на велосипедите, не му префрли финансиски средства за сервисирање, со кои што по повеќе од четири години ќе можат да бидат функционални и велосипедите ќе остваруваат приход. „Парк спорт и паркинзи“ изготвија и ценовник. Граѓаните за едно часовно изнајмување да плаќаат симболични 60 денари додека дневно 300 денари.
Дума.мк на мејл испрати новинарски прашања до Општина Велес за намерата да ги стави во употреба електричните велосипеди но оттаму не одговорија до објавување на информацијата.
Убавка Јаневска