Велешките пожарникари безбедно пристигнаа во Турција и веднаш се пуштија во акција да спасуваат животи

Добри вести пристигнуваат од Турција. Петте велешки пожарникари безбедно пристигнале во Адијаман, ноќва во 2.30 часот, кој е еден од најпогодените турски градови од разорниот земјотрес. Димче Јованов, Кире Диковски, Александар Јолдашев, Рамадан Адилов и Роберто Шакиров се петтемина велешки херои, кои се веќе на терен со останатите локални тимови.

Првиот човек на Велес, градоначалникот Марко Колев потенцира дека останувале во комуникација со нив за сите понатамошни информации и потреби за помош и соработка. „Нашите мисли и молитви остануваат со нив, да ги пречекаме назад во добро здравје“, изјави Колев.

За потсетување, петте велешки херои со едно возило и потребната опрема за заштита заминаа за Турција за да дадат дополнителна помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес. Општина Велес пак, одвои 450.000 денари од буџетот и ги донираше за погодените земји од земјотресите.

Инаку, согласно последните информации осега загинаа повеќе од 22.000 луѓе. Повеќе од 7.000 хуманитарни работници од 61 земја се во Турција и помагаат во напорите за потрага и спасување по земјотресите во понеделникот, соопшти денеска турското Министерство за надворешни работи.
Вкупно 97 земји испратија помош и за Турција.
Дума.мк
