(Видео) Д-р Тодоровска: Теренската вакцинација на деца успешно се спроведува, завршува на крај на ноември
Екипа на Службата за превентива на деца и младинци при ЈЗУ Здравствен дом во Велес, денеска, ја реализираа претпоследната теренска вакцинација за претшколски и школски деца кои не се вакцинирани во Велес. Оваа активност е дел од кампањата „Од врата до врата“ којашто ја спроведува Министерство за здравство и се реализира во текот на месец ноември на повеќе локации во градот и населените места околу него. За време на теренската вакцинација посетени се општините Градско и Чашка, како и домовите на семејства во селата Горно Јаболчиште, Бузалково, Мелница, Сливник, Клуковец и Горно Оризари.
Координаторката на теренската вакцинација, д-р Марина Тодоровска од ЈЗУ Здравствен дом во Велес, за Дума.мк вели дека теренската вакцинација успешно се спроведува и има за цел да ги пронајде невакцинираните деца, лекарите да ја согледаат причината поради којашто тие се уште не се вакцинирани и да ја извршат имунизацијата.
Екипата на Службата за превентива на деца и младинци, при теренските посети во околните места покрај вакцинацијата за деца нуделе и вакцинација за грип за возрасни граѓани. Во населбите Чашка и Градско биле известени и матичните лекари преку коишто биле пријавени најголем број на граѓани за вакцини против грип.
Последната теренска вакцинација за претшколски и школски деца ќе се одржи на 29 ноември, годинава, во Велес. Кампањата „Од врата до врата“ ја организира Министерството за здравство и Канцеларијата на Светската Здравствена Организација во Скопје.
Стефани Манева