(Видео и фото) Средношколци и студенти замена за работници во Велес, работната сила ја напушта државава
Автор: Убавка Јаневска
Велешанката А.Т., која штотуку наполнила 18 години, ги служи со кафиња и пијалаци велешани, во една од десеттината кафетерии на главната улица Благој Ѓорев во Велес. Таа е келнерка во позната велешка кафетерија веќе трета летна сезона.
Девојката е препознатлива по насмеаното лице и по љубезноста при услугата на гостите. Нејзината дланка е неколкупати помала од големината на послужавникот на кој ги носи пијалаците, кафињата и апетисаните. И брза е, и вешта при протнувањето меѓу густопоставените маси и шанкови. На констатацијата од гостите „Гледаме дискус со пијачки, а не гледаме келнерка“, оваа девојка одговара со „заразна смеа“ општоприфатена од присутните гости.
Јасно.мк успеа да украде една минута од нејзината вечерна работна смена. Тогаш А.Т. ни кажа дека таа работи за да ја заштеди месечната заработувачка веќе трето лето, бидејќи има желба да се запише и да студира на познат словенечки факултет во Љубљана.
„Тоа е мојата најголема животна желба. Себеси се гледам како студентка во Љубљана на наставна програма на англиски јазик. Следната година ќе полагам приемен испит и мислам дека ќе го претворам сонот во јаве. Сè што досега заработив, го заштедив. Не би сакала да бидам товар на семејството. Подготвена сум и во Љубљана да се образовам и во исто време да работам. Сметам дека така се трасира патот кон успешна професионална кариера.“
И нејзината две години постара колешка има свои сништа за иднината. Оваа девојка се образовала во угостителска насока во велешко средно училиште. Се надева дека добро „испечениот угостителски занает“ ќе ѝ овозможи да отвори сопствен бизнис.
„Работам со цел заработувачката да ја инвестирам во сопствен бизнис, а би сакала да си купам и автомобил“.
Ова се само две од похрабрите девојки, кои за Јасно.мк отворено зборуваа за причините зошто додека се ученици сакаат да бидат и работници.
СРЕДНОШКОЛЦИТЕ РАБОТАТ НА ЛЕТО ЗА ДА „ПОБЕГНАТ“ ОД ДРЖАВАТА
Неколку нивни колеги во останатите кафетерии, на популарно наречената „Кафетериска улица“, дадоа изјави, но, или сами, или ги поколебаа нивните претпоставени, па побараа да не бидат објавени, како изјавите, така и фотографиите. Меѓу нив беше и момче, кое завршило прва година гимназиско образование. Тој, во разговорот изјави дека со заработување на дневниците се чувствува самостоен и независен, сам одлучува да ги потроши чесно заработените пари на нови патики, на гардероба или на патувања низ Европа.
Оваа глетка во градот се повторува секоја година од месец мај до октомври. Тогаш млади момчиња и девојчиња – средношколци се келнери, бармени и шанкери. Има и студенти. И не само таму, туку и во кафетериите во центарот на градот, во градскиот парк и на летните тераси на хотелите и на мотелот на езерото „Младост“.
Сопствениците и менаџерите на угостителските објекти отворено признаваат дека последнава деценија имаат сериозни проблеми да обезбедат доволен број работници во летната сезона. Дел од нив, за Јасно.мк, открија дека нудат плата и плаќаат придонеси на сума од 30 илјади денари за образовните профили келнери, шанкери и бармени, од 60 илјади денари за пица-мајстори, како и 20 илјади помалку за работа во кујна. Но, овие бројки не претставуваат предизвик за младите квалификувани мајстори на својот занает бидејќи тие на хрватското приморје заработуваат од три до петпати повисоки месечни плати.
Дипломираниот социолог Маја Хеско смета дека причината за одливот на квалификувана млада работна сила од Македонија е токму во неподготвеноста на бизнис-заедницата соодветно да го вреднува и да го наградува трудот на младите образовани луѓе. Тука, за жал, губи државата, која вложила финансии преку бесплатното задолжително средно образование и особено високото, универзитетското.
Социологот, на желбата на петнаесетгодишниците или на три години повозрасните ученици да заработуваат и да се осамостојуваат гледа како на добра европска практика, чија примена можеби е задоцнета во Велес, но и во државата. Хеско потенцира дека согласно законот, легитимно е млади со навршени 15 години да заработуваат хонорарно.
Ставот на аналитичарот Синиша Пекевски е концизен и јасен. Ако Македонија сака да ги задржи младите луѓе во татковината, мора итно да донесе национална сеопфатна и консензуална стратегија за млади, која ќе ги стимулира да останат домакако и систем за оценка на нивниот работоспособен капацитет и квалитет.
„Департизација на општеството, креирање вредности за проценка на квалитетот, образование и знаење се главниот предизвик за напредокот на државата и единствен предуслов младите да ги задржиме дома“, порача Пекевски.
ПАРТИСКИТЕ ВРАБОТУВАЊА МОРА ДА ЗАВРШАТ
„Сè додека државата е партизирана и партиите одлучуваат за иднината, не може да се говори за плански економски развој“, одговори аналитичарот Пекевски на прашањето на Јасно.мк зошто не се практикува стариот модел на краткорочна, среднорочна и долгорочна економска Програма за развој од поранешното општествено уредување во државата во која живеевме.
Велес не е единствениот македонски град, кој во последната деценија се празни, освен со квалификувана угостителска, и со млада работоспособна сила од други образовни профили. Дел од нив за сезонска работа, додека поголемиот дел со иселеничка цел. Тоа се главните причини во овој македонски град, поранешен економски гигант, сега да го чувствува огромниот дефицит на занаетчии, како што се електричари и водоводџии потоа градежни работници, гипсери, фасадери, како и таксисти и угостители.
Сите тие си заминуваат како сезонци најчесто во Хрватска и во Германија, но не е мал бројот и на тие што не се враќаат дома. Од Велес заминуваат на работа во странство и работници што се во редовен работен однос. Тие даваат откази во фирмите, меѓу кои се и познати странски инвеститори.
Од тоа дали актуелната и следните македонски влади ќе внесат промени во начинот на владеење преку почитување на експертските умови и нивните стручни капацитети, како и на академиците во МАНУ можеби зависи враќањето дома на 18-годишната велешанка А.Т. како дипломец од Љубљана.
И не само нејзиното, туку и на стотиците други сезонски работници, сега распослани на хрватското приморје, како и на поголемиот дел од тие што одлучија да го живеат животот далеку од дома, пред сè, поради недоволно вреднуваниот интелектуален и стручен капацитет, со кои не обезбедија работно место во локалната заедница во која се родија.