(Видео) Предупредувачки протест на матичните лекари во државата, лути се на ФЗОМ за опомените за препишани поголем број на лекови од предвидените пари во буџетот
Фондот за здравствено осигурување, изминатиот викенд, со пораки во мејл ги опоменал матичните лекари во Македонија дека ги прекорачиле дозволените суми на финансиски средства за препишувањата на хронична терапија,за антибиотици и за анксиолитици. Новонастанатата состојба е резултат на тоа што од месец септември, минатата година, наместо пациентите да одат кај специјалист за препишување на хроничната терапија тоа го прават матичните лекари. Но ФЗОМ не им го зголемил буџетот за лекови.
-Револтот е голем затоа што секое тромесечие има лекари, најголем број од нив педијатри кои што се казнети со по 20 и повеќе илјади денари.Сметаме дека тоа не е во ред затоа што ние сме лекари и ниту еден од нас нема да препише лек коишто некој пациент не го користи или да не му даде на некој пациент на кој што му е потребен. Го прашуваме Фондот на кој дијабетичар да му го скратиме лекот или на опериран односно со слабо срце да му ја скратиме терапијата, рече др Лилија Чолакова Дервишова претседател на Здружение на приватни лекари на Македонија.
Таа додаде дека приоритет на матичните лекари било здравјето на граѓаните и немале да скратат терапија на ниту еден пациент. Во исто време очекуваат ФЗОМ да се произнесе дали ќе им го зголеми или ќе се откаже од буџетот за лекови а не да ги казнува.
-Бараме од ФЗОМ под итно, уште утре, да стави точка на дневен ред за зголемување или да ги тргне буџетите на матичните лекари. Ние сме лекари од 1992 година кога немаше буџети. Секој лекар одговара со својот флаксимил пред суд и други институции дека кога на пациентите им препишува лекови не го дава за слатки туку за да се подобри здравјето на пациентите, рече др Чолакова Дервишова.
Според претседателката на Здружение на приватни лекари на Македонија државата може да го контролира издавањето на лекови преку софтвер и дека во светот постојат добри практики коишто можат да се превземат и применат во државата.
Матичните лекари денеска ги затворија своите амбуланти за време на пауза, во времетраење од 30 минути но доколку ФЗОМ не најде решение освен казни ќе превземат по радикални мерки.
Убавка Јаневска