Владините компјутерски томографи во Кавадарци и во Гевгелија чекаат дозвола за работа и едукација на лекарите додека во велешка болница едуциран кадар чека томограф
Владата соопшти дека меѓу петте јавни здравствени установи коишто ќе добијат нова медицинска опрема за зајакнување на дијагностика поточно Компјутерски томограф се Клиника за пулмологија и општите болници во Куманово, во Кичево, во Гевгелија и во Кавадарци. Еден ваков високософистициран ренген апарат чини 400 000 евра и петте се обезбедени со финансиска помош на Делегација на Европска Унија во Македонија. На списокот на јавни здравствени установи на кои владата заедно со министерството за здравство им помага да го подигнат квалитетот на здравствените дијагностички услуги го нема Велес. И покрај тоа што во Општа болница Велес веќе петти месец Компјутерскиот томограф не снима оваа јавна здравствена институција не е на листата на министерството.
По дводневно чекање на одговор на новинарското прашања, зошто ја нема на листата и велешката болница во која Компјутерскиот томограф не работи од минатата година, поточно од месец декември, Дума.мк одговор на телефон побара од министерот за здравство Беким Сали. Министерот соопшти дека тој го немал одговорот на прашањето затоа што за решавање на проблемите со набавките на медицинска опрема работела служба во рамките на министерството до која се поднесувале прво барања по што следела фаза на еваулација и на крај се доносувала одлуката. Сали не упати одговорот да го чекаме од портпаролите на министерството кои експресно одговорија. Во одговорот пишува:
„Во однос на зајакнувањето со опрема –КТ и МР во здравствените установи, информираме дека станува збор за набавка која била веќе отпочната пред две години, а истата сега се финализира односно набавката е согласно тогашните проценки на менаџментот на МЗ во соработка со здравствените установи согласно стручни проценки, а земајќи ја во предвид и покриеноста по реони. Во однос конкретно на КТ апарат во велешката болница, потсетуваме дека веќе се иницирани неопходните законски процедури за обезбедување на овој апарат и по завршување на сите законски предвидени процедури во вакви случаи, меѓу кои е и добивање дозвола, апаратот ќе биде ставен во функција и на располагање за пациентите од овој регион.“
Одговорот конкретно значи дека ЈЗУ Општа болница Велес ќе добие половен Компјутерски томограф од Клиника за ренгенологија во Скопје што ќе може да го користи се додека министерството за здравство во некоја наредна набавка не ја стави на листа.
Дума.мк истражуваше дали се ставени во функција КТ апаратите за кои Министерството за здравство ја реализирало јавната набавка, како што пишува, пред две години. Два од вкупно петте нови компјутерски томографи се поставени во општите болници во Гевгелија и во Кавадарци. Но во Кавадарци не се издаваат здравствени услуги додека на пациентите во Гевгелија половично им се издаваат.
Според директорот на кавадаречката болница, д-р Диме Коцев, се чека Агенцијата да го измери јонизирачкото зрачење додека двајца специјалисти треба да ја завршат и едукацијата за работа на овој ренген апарат. Скоро идентична е и состојбата во гевгелиската Општа болница каде според директорот, д-р Митко Крџев , КТ ренген апаратот пробно работи и снима додека резултатите ги читаат специјалисти од охридската болница „Свети Еразмо“. Така ќе биде се додека двајцата специјалисти ренгенолози не се обучат кај нивните колеги во Охрид.
Тоа што е заедничко на овие две јавни здравствени установи е што за прв пат го добиле софистицираниот ренген апарат но официјално не ја добиле дозвола за работа и потребно е време за едукација на здравствените работници.
Дума.мк се обиде да исконтактира и со директорката на ЈЗУ Општа болница Куманово. Д-р Снежана Захариева не одговори на телефонските повици и по напишаната порака со прашање зошто ја бараме.
И додека во двете болници, во Кавадарци и во Гевгелија, медицинскиот кадар се едуцира во ЈЗУ Општа болница Велес има едуциран кадар поточно три специјалисти и седум виши ренген техничари но пет месеци е расипан компјутерскиот томограф.
Убавка Јаневска