Локална библиотека „Гоце Делчев“ го одбележа патрониот празник, доделени бројни признанија и награди (фото и видео)

Пригодната свечена програма ја отвори директорката Снежана Бошевска која на денешниот настан посветен и на 153 годишнина од раѓањето на патронот рече дека е повод да се соопштат постигнатите резултати во уште една успешна година на работењето на институцијата со реализација на голем број проекти и збогатување на библиотечниот фонд со над 2.000 книги.

Во медијотеката на Локалната библиотека „Гоце Делчев“ ученици на ООУ „Блаже Конески“ читаа стихови и три балетски точки изведоа членови на Балетското студио „Анабела“.
На денот на патронот, велешката Библиотека повторно ги награди читателите со најголем број прочитани книги. Награди добија најмладиот читател за 2024 година Чедомир Костадиновски и највозрасната читателка Марија Питиќова.
За најчитател од Оделот за возрасни за 2024 година е наградена Билјана Стојановска. Награди добија и Ана Митровска за најчитател во категорија од основно образование, Василка Карталова за најчитател во категорија од средно образование, Андријана Јакимова за најчитател во категорија студент додека најчитател во категорија пензионер е Светлана Есенчева.

Најчитател од Одделот за деца од организациската единица во Градско e Глорија Сандев и најчитател од Одделот за возрасни од организациската единица во Градско e Жаклина Маркова.

За донации на книги од велешани коишто го збогатуваат библиотечниот фонд годинава Благодарница и беше доделена на Цветанка Ѓакова Панова професор по Македонски јазик.

Наградени беа и најдобрите лични творби на учениците од основните и средни училишта на наградниот литературен конкурс на тема „Моќта на книгата“.


Убавка Јаневска
