Во Младински парк, во сабота, дружба, игра и забава за правилно селектирање на отпад
Во сабота на 4 јуни, годинава, во Младински парк, велешани од 11:00 до 13:00 часот ќе можат да присуствуваат на настан на коишто како возрасните така и најмладите поточно децата низ дружење, игра и забава ќе научат правилно да острануваат отпад. Едукативниот настан во пресрет на денот на животната средина го организираат Хабитат Македонија и Општина Велес како дел од проектот „Одржлив урбан развој на ромските заедници“, финансиски поддржан од Европска унија.
Под слоганот „За чист дом, за здрав живот – Фрлај го отпадот на означеното место!“, дечињата од Велес којшто ќе дојдат ќе можат да цртаат на теми што ќе содржат еколошки мотиви, да играат игри и да учествуваат во забава но исто како и возрасните на забавен начин да селектираат отпад во поставени канти. Организаторите на настанот како и помагателите Јавно комунално претпријатие „Дервен“ од Велес и членовите на Локалната лидерска група од Велес формирана за поддршка на проектот, очекуваат присуство на деца, мајки и татковци, баби и дедовци кои се заинтересирани да поминат убави три часови во природа поточно во Младински парк и освен што ќе бидат гости да земат активно учество во повеќе креативно осмислени содржини на едукативно забавниот настан.
Овој завршен настан е дел од кампања што започна со ликовен конкурс за ученици од четврто одделение во ООУ „Панко Брашнар“ коишто по проследена едукативна презентација изработија цртежи кои покажуваат како се стигнува до почиста животна средина преку правилно одлагање на отпад. Исто така, изработени се и едукативни летоци коишто велешани ќе ги добијат со сметките за потрошена вода, постери, едукативни материјали за социјални мрежи и други активности. Кампањата е предвидено да заврши до крајот на месец јуни, годинава.
Стефани Манева