Во средните училишта во Велес, на првото пријавување, запишани се вкупно 474 ученици
Во тек е второто пријавување на ученици во средните училишта во Македонија. Во Велес, во четирите средни училишта во првиот рок на првото пријавување запишани се вкупно 474 ученици.
Во ССОУ „Коле Неделковски“ во прва година запишани се 224 ученици и останати се 80 слободни места. Во СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ примени се 82 ученици во македонските паралелки и 21 ученик во албанската паралелка. Останати се 54 слободни места во македонските паралелки и 47 во албанските.
Во хемиското училиште „Димитрија Чуповски“ запишани се 113 ученици и останати се 82 слободни места. Во економското училиште „Јовче Тесличков“ запишани се 34 ученици и останати се 93 слободни места.
Од Министерство за образование соопштија дека конкурсот за запишување ученици во три струки во ССОУ „Коле Неделковски“ е завршен. И тоа, за образовниот профил електротехничар за компјутерска техника и автоматика на македонски наставен јазик, за образовниот профил машински техничар/ техничар за производно машинство како и за образовните профили келнер, готвач и слаткар. Додека во ССОУ „Димитрија Чуповски“, конкурсот за запишување на ученици е завршен за образовниот профил фармацевтски техничар/ медицински лабораторискo санитарен техничар на македонски наставен јазик.
Второто пријавување на учениците трае до утре, 29 јуни, до 10:00 часот. Прелиминарната ранг листа на запишани ученици ќе биде објавена истиот ден на https://e-uslugi.mon.gov.mk и на интернет страната www.mon.gov.mk најдоцна до 13:00 часот.Доставувањето на потребената документација до училиштата е на 29 јуни од 15:00 до 19:00 часот и на 30 јуни од 07:00 часот до 19:00 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.
Додека, конечната ранг листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе биде објавено на 1 јули 2023 година, најдоцна до 12:00 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.
Стефани Манева