Во тек е пријавувањето за маратонот „11-ти Октомври“ во Лозово
Трета година по ред во Општина Лозово се организира Атлетска трка насловена Маратон „11-ти Октомври“ којашто се организира во чест празникот, Ден на народното востание на Македонскиот народ. Ќе бидат организирани четири различни трки на кои учество покрај возрасните можат да земат и деца од 7 до 18 години. Главната трка, за возрасните на 15км ќе изнесува 120 минути од стартот на трката. Градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски, објасни дека котизација не се плаќа и учество може да земе секој заинтересиран граѓанин.
-Оваа година ќе бидат опфатени четири различни трки и тоа на 15.000 метри, на 100 метри, на 200 и на 400 метри. Поточно, првата трка на 15.000 метри ќе започне во 10:00 часот и ќе биде за возрасни учесници, трката на 100 метри ќе започне пет минути покасно и на неа учество ќе можат да земат деца од 7 до 10 години, потоа на 200 метри ќе се натпреваруваат деца од 11 до 14 година и нивниот старт ќе биде во 10:20 часот и на 400 метри за тинејџерите поточно од 15 до 18 години со старт во 10:40 часот. Како што напоменуваат при евентуални промени во термините за старт сите учесници ќе бидат известени преку официјалниот фејсбук профил на организаторот, објаснува градоначалникот Цветковски.
На крајот од трката предвидени се и награди за најбрзите тројца учесници во трката на 15км во две категодии, мажи и жени.
1. место 12.000,00 денари (пофалница + медал+ пехар)
2. место 8.000,00 денари (пофалница + медал+ пехар)
3. место 6.000,00 денари (пофалница + медал+ пехар)
Финишер МЕДАЛ+ маичка за првите 100
-Патеката за трката Маратон “11-ти Октомври” Лозово2024 е кружна, при што учесниците на трката на 15км трчаат еден круг. Стартот и целта на патеката е на ул. “Маршал Тито” бб Лозово, пред поштата и патеката опфаќа локални асфалтирани и земјени патишта кои поминуваат низ населени места по следниот редослед: Лозово, Милино, Каратманово, Дорфулија, Лозово. Со оглед на тоа што патеката е со должина од 15км, освежителни станици ќе има поставено на повеќе локации долж патеката, објаснува градоначалникот Бошковски.
Секој учесник на трката ќе ја започне на своја одговорност и ризик и сите се лично одговорни за сопственото здравје и психофизичка состојба како и за можноста да ја завршат трката избрана по категории. За време на натпреварот поради безбедносни причини препорачливо е учесниците да не слушаат музика и да не носат слушалки. За време на трката водичи и други лица на велосипед не смеат да ги придржуваат учесниците и ќе бидат исклучени од полицијата или од организаторите.
Исто така, организаторот има право на денот на трката да го одбие учеството на тим или тркач кој носи маица со пораки кои поттикнуваат национална, верска и/или нетрпеливост, односно омраза по друга основа. Според правилата на IAAF, прифаќањето освежување е дозволено само во областите на станицата за освежување. Сите учесници мора да ги почитуваат упатствата на техничките лица и организаторите.
Учесниците прифаќаат дека употребата на нивното име, глас, фотографија или видео материјал му припаѓаат на организаторот, вклучително и сите видови рекламирање на радио, ТВ и Интернет и други комерцијални активности на организаторот. Со пополнување на пријавата учесниците се согласуваат со Правилата за учество и со повреда на овие правила може да доведе до дисквалификација!
Инаку секој учесникот може да се откаже од трката и нема обврска за тоа да го извести организаторот, додека пак организаторот го задржува правото да врши промени во Правилата за учество.
Пријавете се на 032/ 458-458 или во порака на официјалната ФБ страна на организаторот.
Стефани Манева