XX ИФФ Велес – Гости од Европа, Австралија, Чиле и Мексико

Велес повторно ќе се претвори во сцена на светски култури, танци и традиции. Од 1 до 5 јули, на Амфитеатарот под отворено небо ќе се одржи јубилејното, 20-то издание на Интернационалниот фолклорен фестивал – манифестација што со децении ја зближува локалната публика со богатството на народната уметност од целиот свет.
Оваа година, фестивалот ќе има особено шаренолика и интернационална програма. Покрај домаќините од Велес и фолклорни ансамбли од Македонија, велешани ќе имаат ретка можност да видат настапи од далечен Чиле, егзотично Мексико, динамична Турција, Литванија, Чешка, Германија, Србија и дури од Австралија. Секоја вечер ќе биде нова фолклорна приказна.
Специјален момент на фестивалот ќе биде целовечерниот концерт на националниот ансамбл „Танец“, кој со својот репертоар ќе го збогати јубилејот и ќе ја внесе македонската традиција во центарот на вниманието.
Љубителите на фолклорот ќе уживаат во настапи со оригинални носии, игри, живи ритми и песни што раскажуваат приказни за традиции, љубов, обичаи и народни митови. Амфитеатарот ќе биде точка на средба на култури – и сведоштво за тоа како уметноста не познава граници.
Во случај на неповолни временски услови, фестивалската програма ќе се префрли во спортската сала на ООУ „Блаже Конески“.
Стефани Манева
