Започнаа подготовките за реконструкција и уредување на јавниот простор во Лозово

Објавено: 6 август, 2025, во 11:24 часот

Со отпочнувањето на градежните активности на терен, започна реализацијата на проектот „Реконструкција и партерно уредување на КП 2055 и КП 2411“ во населеното место Лозово, општина Лозово. Проектот е дел од Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамки на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2025 година, и претставува значаен чекор во унапредувањето на јавниот простор во општината.

Во рамките на проектот, ќе се врши целосна реконструкција, партерно и хортикултурно уредување, како и инсталирање на ново осветлување на јавните површини околу двете парцели – КП 2055 и КП 2411. Овие простори се лоцирани во централното подрачје на Лозово, во близина на кружниот тек над пругата и околу општинската административна зграда.

Проектот предвидува изградба на два нови плоштади кои ќе служат како современи јавни простори за дружење, одмор и културни настани, зголемување на зеленилото и подобрување на јавната чистота, поставување на урбана опрема – клупи, канти за отпадоци, жардиниери и други елементи, инсталирање на современо осветлување кое ќе придонесе за поголема безбедност и атрактивност на просторот и изградба на детско игралиште со вештачка трева и заштитна ограда, кое ќе биде наменето за најмладите жители на Лозово.

Изведувач на градежните работи е компанијата ИНФЕС ГРУП 2016, а работите се веќе во тек, со цел проектот да биде завршен во предвидените рокови.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.